Освен што е еден од најпознатите светски автори, со години неправедно заобиколуван од Нобеловиот комитет, Кундера е познат како терсене кога се работи за контакти со издавачи и медиуми, и е подготвен да дава интервјуа „исто колку и Бекет" (значи ич). Живеејќи во егзил во Франција од 1975, тој денес се смета не за чешки, туку за француски автор и инсистира дека неговото дело треба да се проучува во рамки на оваа национална книжевност и да се категоризира како такво во книжарниците. Од неговиот последен роман, „Незнаење" од 2010, тој до скоро немаше напишано ништо ново. Сè до април 2014, кога му излезе краткиот роман „Фестивал на безначајноста".
Иако тој веќе излезе во Франција, Италија и Шпанија, како и во Македонија (во издание на Табернакул), во светски рамки ништо не е (баш) објавено додека тоа не се преведе на англиски. Оттаму, најавата дека истата книга ќе биде издадена од Фабер&Фабер во јуни оваа година за многумина значи дека конечно ќе имаат можност да прочитаат нешто ново од нивниот омилен автор. Таа зборува за животот на четворица пријатели во современ Париз, и е опишана како „длабока и комична". Како што вели и самиот наслов, светот на овие ликови е свет на универзална незначајност - сè престанува да има каква и да е важност, од гестови, зборови, отсуство, љубов, смрт. Но исто колку што се обични и незначајни „малите" ликови во книгата, толку се и гротескни големите историски фигури, чија тежина според Кундера е како „пердув кој некој одеднаш забележува дека паѓа од таванот на некоја сала за балови".
Начинот да се опстане не е човек да се бори против празнината и ништожноста, туку во манир на зен-мудрец неа да ја прифати, како сеприсутен принцип:
„Безначајноста, пријателе, е суштина на животот. Таа е со нас, секогаш и секаде. Присутна е дури и тогаш кога никој не ја гледа: во ужасите, суровите битки, во најстрашните катастрофи. Често е потребна храброст да се признае дека постои. Но тоа не е доволно, потребно е човек да ја сака...Диши ја пријателе, внеси ја во себе оваа безначајност којашто те опкружува: таа е клуч за мудроста, клуч на среќата".