Лин Козак предава на катедрата за класични студии на универзитетот МекГил во Канада. Веројатно уморна од секојдневните академски обврски, решила да земе „сабатикал“, односно едногодишно отсуство од работното место, и да се обиде да направи нешто ново и интересно.
Едно од тие нешта се нејзини настапи во Бар де Пинс во Монтерал, секој понеделник во 18 часот, со глумење, импровизации и дискусија во врска со епизоди од Илијада, како епот да е серијализирано ТВ шоу. Тоа е и отсликано и во насловот на целиот „проект“ - „Претходно на Илијада..“.
Во барот не се поставува некаква посебна сценографија, нема драматични светла, а актерската екипа се состои само од Козак, која во дуксер и фармерки настапува пред посетителите. Тие меѓу другото доаѓаат во одредениот термин и заради поевтиното пиво, кое се продава под мотото Happy Hour Homer.
Идејата на Козак и нејзините соработници е, меѓу другото, да се разбере како изгледала изведбата на Илијада во древните времиња. Тешко е да се замисли еден единствен поет кој би ја кажувал дваесетина часа, колку што трае едно читање на целото дело. Сигурно биле правени паузи, но како бил поделен текстот? Каква била замислата на поетот/сценаристот - каде би имало денес реклами или пуш-пауза? Дали имало „клиф хенгерс“, места на кои намерно се прекинувало раскажувањето за да биде понеизвесно и подраматично?
Козак при нејзините изведби изгледа повеќе како актерка отколку како професорка, а текстот кој го кажува е всушност нејзин сопствен превод од старогрчки. Таа планира да ја тера работата во тек на 30 недели, со по еден настап неделно, а кога ќе го заврши ќе работи на целосен пишуван превод, базиран на изведбите, кои се снимени и достапни на јутјуб.