Универзална граматика

Присенкoли...

Во продолжение на темата „текстот вели едно, друго ти се слуша", се потсетуваме на една песна која намерно си игра со овој феномен. Таа во 1972 стана хит во Италија иако не беше на италијански. А ни на англиски. Всушност, на ништо.

"Prisencolinensinainciusol" е песна на Адријано Челентано која тој прв пат ја изведе пред точно 40 години на италијанската телевизија. Иако звучи како да е на англиски, ниту еден збор во неа нема смисла. Добро, освен еден - ол рајт.

Челентано, кој сега има 74 години, во тоа време бил опседнат од американскиот сленг, и можеби и по малку фрустриран што мора да пее на италијански. Но зад оваа песна, која би требало да покаже како им се слуша англискиот на оние кои не го зборуваат, стои и една подлабока филозофија - онаа за недостатокот на комуникација во современиот свет, каде има многу врева но малку вистинска разбирачка. Да се потсетиме, зборуваме за 1972.

Насловот треба да значи „универзална љубов". Во оригиналното (црно-бело) видео се појавуваат сопругата на Челентано, актерката и пејачка Клаудија Мори, и Рафаела Кара (скопје-скопје-ми-ско). Ги поттикнуваме не-Скопјаните да направат нешто слично, за да ни покажат како им одѕвонува скопскиот. Ама сепак пораката да е универзална, и со љубов.

7 ноември 2012 - 08:48