Данската полиција, после неколкудневна потрага по исчезнатата шведска новинарка Ким Вол, пронашлa обезглавено торзо во водите близу Копенхаген. Неговата ДНК се совпаѓа со онаа на Вол, на чие тело биле закачени метални тегови за тоа да не исплива на површината, направени дупки за да излезе воздухот, и исечени рацете и нозете. Се верува дека таа била убиена на 10 август, додека му правела интервју на познат дански пронаоѓач, на неговата самоделски направена подморница.
Осомничениот и сега веќе уапсениот Питер Медсен е ѕвезда во својата земја, нешто како дански Илон Маск. Аеронаутички инженер, уметник, и основач на Рокет Медсен Спејс Лаб чија цел е конструкција на вселенски број со човечки екипаж, тој е интересен соговорник за медиумите. Без универзитетска диплома, уште од дете изработувал инвентивни машини, стекнувајќи локална популарност и поддршка од спонзори. Сепак бил тежок за соработка, „армија од еден човек“, кој станувал агресивен кога останатите инженери не работеле по негово. Од 2002 има конструирано три подморници, а последната UC3 Nautilus е најголемата приватно изградена подморница во светот. Тоа е и пловилото од кое исчезнала Ким Вол.
Родум од Шведска, Вол има дипломи од Универзитетот Колумбија и Лондонската школа по економија, и пишувала за Њујорк Тајмс, Форин Полиси, Тајм и Гардијан. Била пријавена за исчезната откако не се вратила од интервју со Медсен закажано на неговата подморница. Пловилото пак било пронајдено јужно од Копнхаген, исто како и Медсен, кој се фрлил во водата откако тоа почнало да тоне. На неговите спасувачи им рекол дека имал проблем со машината, но полицијата излезе со претпоставка дека тој самиот се обидел да ја уништи, за да ги скрие доказите.
Долга 18 метри и тешка 40 тона, подморницата може да биде контролирана од еден човек, а Медсен бил познат по тоа што постојано организирал тури за фанови и ентузијасти за подморници. Можела да се спушти под вода за околу 20 секунди, и во себе да носи осум души на 100 метри под морското ниво. Сепак дури и неговите најверни соработници по овој случај се оградија од него, откажувајќи го нивното понатамошно учество во програмата за изградба на ракетата. Сега се актуелизираат и некои поранешни, неразрешени случаи, како убиството на јапонска туристка во 1986, чии делови од тело беа пронајдени во пластични ќеси на различни локации во водите околу Копенхаген.
Некој холивудски продуцент сигурно веќе собира екипа за филмска верзија, која ќе го потврди и надгради стереотипот за „злиот научник“. Но таа тешко дека ќе ги надмине и познатите, и се уште непознати детали за реалната верзија на настаните.