Како пионерка на вербатим театарот во светот се наведува актерката и драмска писателка Ана Деавер Смит, заради нејзините женски монодрами од 1990-тите. Tие се на ангажирани политички теми, поврзани со расни немири во Бруклин и Лос Анѓелес. За обете претстави таа интервјуирала бројни учесници, а потоа направила избор од преписите, кои се правени без додавања или одземања од кажаното. По сличен урнек се направени повеќе други претстави, најчесто исто така на ангажирани теми, како некој вид алтернативна историја на некој настан која често се брише од онаа официјалната.
Сега во таква претстава ќе глуми Џилијан Андерсон, најпозната по својата улога во серијата „Икс фајлс“. Таа и уште неколку британски актери ќе гостуваaт во театарот Парк во северен Лондон во трилер-мистеријата Whodunnit - Unrehearsed („Кој го тоа направи - без проби“), за на тој начин да се соберат средства за одржување во живот на оваа институција, која е пред колапс. Планирани се повеќе изведби, секоја со различен гостин-актер, меѓу кои Џон Бишоп, Сајмон Келоу и Ронан Китинг. Само тие нема да го знаат текстот претходно, за разлика од останатите актери. Во претставата со снимени гласови ќе учествуваат и Јан МекКелен и Џуди Денч. Таа ќе игра две недели во Лондон, а потоа и на фестивали.
Неодамна разбравме дека овој метод во Бугарија е прилично популарен помеѓу алтернативните театарски групи. Баш би било интересно да се направи кај нас, со етнографски интервјуа. За најголемите јунаци, имаме и такви на струмички дијалект, со шушкање на магнетофонските ленти.