Емисијата која се емитувала на американската телевизија во текот на 1950-тите се викала „Винки Динк и ти“, а била водена од Џек Бери, славна телевизиска личност од почетоците на радиодифузијата. Истиот тој при крајот на педесетите стана славен по сосема друг повод - заради учеството во местење на резултати од ТВ квизови кои самиот ги водел (вистинска приказна овековечена во филмот „Квиз“ на Роберт Редфорд, со Ралф Фајнс и Џон Тортуро). Гласот за главниот лик во емисијата, Винки Динк, бил на Мае Куестел, подобро позната како глас на Бети Буп и Олива на Попај.
Винки ги поттикнувал децата да нарачаат по пошта комплет тн. „Магичен прозорец“, евтино произведен, тенок лист пластика кој приближен до ТВ екранот се прикачувал на него поради статичкиот електрицитет, а кој се продавал сосе боички. Потоа, секој ден недела, Винки им давал задачи да цртаат на тој „лист“ - да пополнат места кои недостасуваат во некаква слика, или да поврзуваат точки и на тој начин да добијат цртеж. Притоа биле предвидени и хумористични сцени, на пример кога „Чичко Слим“ - еден од ликовите - ќе добие нацртан нос, тој да кивне.
Шоуто престанало да се прикажува во 1957, заради загриженоста дека доколку децата бидат толку блиску до екраните тие можат да бидат озрачени. Но останува историскиот факт дека ова е првото интерактивно ТВ шоу, со потенцијал кој е целосно развиен дури со денешната технологија. Можеби е време за „Винки Динк“ апликација?
Извор: Оpen Culture