„Ќе свирам менует од Бетовен“, вели девојче во штиркано бело фустанче и доколенки, со хируршки изведен патец во косата и држејќи го за рака водителот - нешто што не делува дека реално ѝ е потребно како поддршка.
Тоа е Рут Шлензинска, која на 15 јануари 2025 наполни 100 години. Пред три години, значи кога имала 97, таа прв пат од 1960-тите го обнови договорот со Дека Класикс за соло пијано албум, „Мојот живот во музиката“, кој беше објавен во март 2022, со што и на поодмината возраст ја продолжува својата деветдецениска кариера.
„Музиката треба да носи радост. Ако мојата се уште го прави тоа за некои луѓе, тогаш само си ја вршам работата“, изјавила таа по овој повод.
Родена во Калифорнија во 1925, Рут била ќерка на полски имигранти. Нејзиното концертно деби се случило кога имала само 4 години, а само една година подоцна извела дело на Бетовен на телевизија. На шест прв пат настапила на европски концерт во Берлин. Таа се смета за последен жив ученик на Сергеј Рахмањинов, со кого имале длабока менторска врска. Често пиеле чај заедно, а до денес на настапи таа носи ѓердан со привезок - јајце Фаберже, за кое се вели дека тој ѝ го подарил.
Помеѓу другите интересни факти, Шлензинска има настапувано пред четворица американски претседатели, а свирела и дует од Моцарт со претседателот Хари Труман.
Според нејзиниот мемоар, „Забрането детство“, животот на дете-генијалец сепак не бил лесен. Таа морала да вежба 24 етиди пред појадок секое утро, а главен зад ваквото строго воспитување бил татко и, Јозеф Шлензински, истакнат виолинист.
За Рахмањинов и хипнозата претходно тука