Во малото место Отерив, во Франција, постои споменик, „Идеалната палата“, кој не е направен од некаква кралска династија или од војсководец туку од обичен - поштар. Се викал Фердинанд Шевал, а ремек-делото, како што е оценет овој објект направен од само еден човек, го изградил со многу трпение и со своите две раце.
Камењата од коишто е направен објектот Шевал почнал да ги собира од 1879, кога имал 43 години, при неговите секојдневни разнесувања на поштата. Во своите спомени тој вели:
„Тој ден одев многу брзо, се сопнав и излетав неколку метри. Претходно имав сонувано како градам палата, замок или некаква пештера, не можам точно да го изразам тоа. Никому не му кажав од страв дека ќе бидам исмеан. Но петнаесет години подоцна, кога веќе го имав заборавено тоа, моето стопало ме потсети. Се сопнав од камен кој имаше толку чуден облик што го ставив во џеб да му се восхитувам. Следниот ден се вратив на местото и сфатив дека природата е самата по себе вајар - ако е така, јас ќе бидам ѕидарот“.
Човекот многу читал и се инспирирал од разгледниците од далечни места кои ги доставувал, па така на зградата можат да се најдат орнаменти од различни стилови, митолошки фигури и животни од светот. Има тука и хинду храмови и египетски гробници и средовековни замоци, џамии, швајцарски планински куќички...На ѕидовите се врежани и цитати и песни, од кои една била инспирација за името на ова исклучително дело, кое било градено цели 33 години!
Иако целосниот комплекс, кој го содржи замокот и придружен музеј, е пуштен во употреба во 2014, уште од 1969 писателот Андре Малро, кој тогаш бил министер за култура на Франција, го прогласил за историски споменик на културата. Нему му се восхитувале надреалистите како Бретон или Ернст, и тој продолжува да инспирира генерации уметници.
Поштарот-градител е закопан на самиот имот, во гроб кој почнувајќи од неговата 78-годишна возраст самиот го правел цели 8 години и го нарекувал „место на тишина и бескраен одмор“. Па и заслужил, после толку напорна работа.