Подемот на физиката на заговор

Во дигиталната ера, инфлуенсерите и подкастерите сè почесто ја преземаат улогата на јавни арбитри за тоа што е вистина, па и во научна смисла. Во последно време цел на нивните напади стана и академската физика. Влијателни фигури (не шарлатани, туку асли научници, со богати биографии) ја прикажуваат физиката како затворена, корумпирана елита. Ова ја загрижува пошироката научната заедница поради потенцијалните последици врз јавната доверба и финансирањето на науката.

На интернет се појави нов вид антисистемско движење кое ја напаѓа теоретската физика како уште една „корумпирана установа“. Популарни јутјубери и подкастери (и самите од оваа област), со милионски следбеници, тврдат дека полето е во криза: дека во последниот половина век не се постигнале значајни откритија, дека владее групно размислување и дека секој кој се осмели да се спротивстави бива цензуриран. Овие поединци се претставуваат како „одметници“ за да привлечат публика, користејќи гневни тонови, драматични наслови и емоционален наратив.

Пример е Ерик Вајнстин, поранешен менаџер во Тил Капитал, кој на големи платформи промовира свое „револуционерно“ објаснување за физиката и се жали дека академијата го игнорира. Критичарите од научната заедница, пак, објаснуваат зошто ваквите трудови не поминуваат низ рецензија: повеќето се неструктурирани или без доволна сериозност за академска публикација. Во таа дебата се вмешуваат и влијателни личности — од Џо Роган до поранешни ѕвезди на реалити-шоуа—кои им обезбедуваат платформи на „одметниците“ и го зацврстуваат промовирањето во јавноста на таквите наративи.

Германската физичарка Сабине Хосенфелдер, на пример, има привлечено 1.72 милиони јутјуб следбеници, делумно преку напад на своите колеги: „Вашиот проблем е дека ги лажете луѓето што ве плаќаат“, вели таа во едно од видеата. „Вашиот проблем е тоа што сте кукавици без ронка научен интегритет“. Само четири часа пред пишувањето на овој текст таа објави видео во кое изјавува дека поради негативна критика на нејзин колега (веројатно некој од „високото добро утро“), таа е исфрлена од Минхенскиот центар за математичка филозофија. 

Таканаречената „конспиративна физика“ им нуди на следбениците едноставна вредносна рамка: академската физика е елитистичка и нечесна, а „авторитарната“ експертска вистина може да се оспори од индивидуални гласови. И покрај оправданите критики - на пример, дека темпото на некои истражувања се забавило или дека теории како теорија на струните не ги исполниле очекувањата - научниците стравуваат дека стилот на дискусија и ширењето сомнеж ќе ја поткопаат јавната доверба и финансирањето на научни проекти. Во време кога буџетите за наука се под притисок и кадрите се загрозени, губењето на легитимитетот може да има реални, долгорочни последици.

Некои истакнати физичари сметаат дека е неопходно да се зборува појасно и постојано пред јавноста: признавајќи ги границите на сопствената дисциплина, но и објаснувајќи ги конкретните достигнувања и напредокот што сепак постои - од обиди да се поврзат општата релативност и квантната механика до современи теории како холографскиот принцип, кои сами по себе понекогаш звучат „неверојатно“, но се засновани на строг научен труд. Интернет-дебатата околу „конспиративната физика“ оттаму не е само научна расправа, таа е и борба за јавното внимание и довербата што науката ја има во општеството.

17 септември 2025 - 18:50