Еротскиот грамофон

По 80 години пронајдено едно од најзначаjните дела на надреализмот

Се вика „Никогаш“ и е на помалку познат шпански надреалист, кој си го одзел животот на 51 година. Претставува грамофон во авто-еротска женска поза, а до скоро чмаел во париски магацин. 

Оскар Домингез (1906-1957) е роден на Тенерифе во Шпанија, а почнал да слика на рана возраст откако прележал сериозна болест која влијаела врз неговиот раст и предизвикала прогресивна деформација на неговото лице и екстремитетите.

На 21 година заминал за Париз каде дење му помагал на татка си на централниот пазар, а ноќите ги минувал по кабареата и баровите. Се запишал во уметничко училиште и почнал повторно да слика, главно под влијание на авангардните сликари од тоа време. На 25 години насликал автопортрет на кој се прикажал со деформирана рака (која тогаш уште не му била таква) и со исечени вени. 27 години подоцна точно така и си го одзел животот.

Во 1933 го сретнал Андре Бретон, една од „перјаниците“ на надреализмот, правец во кој се вклопуваат и одреден број негови дела. Едно од нив, под наслов „Никогаш“, исчезнало пред 80 години, а неодамна е повторно откриено и поставено во Музејот на Пикасо во Барселона.

„Никогаш“ е пронајдено во магацин во Париз, а било атракција на познатата меѓународна надреалистичка изложба во Париз од 1938. Станува збор за грамофон со женски нозе кои исчезнуваат во „трубата“, за од другата страна, каде што треба да е дршката со иглата, да излезе женска рака. Презентацијата на изложбата била придружена со перформанс на танчарката Хелен Ванел, базиран на студии за хипноза и хистерија на францускиот невролог Шарко.

Истата година е претставена во Амстердам, но потоа исчезнала, за скоро еден век подоцна да биде откриена од Емануел Гигон, директор на музејот на Пикасо. Според него ова е едно од најзначајните дела на надреализмот, заедно со оние на Дали и Дишан. Во разговор со сопругата на Домингез, Мод Боно-Вестердал, тој дознал дека уметникот му го подарил грамофонот на Пикасо. И навистина, подоцна открил до сега необјавени фотографии на кои сликарот позира до „Никогаш“ во своето париско студио. Исконтактирал со неговите потомци, и ќерката на неговата втора сопруга Жаклин му кажала дека навистина видела грамофон во картонска кутија во магацин надвор од Париз.

Грамофонот потоа е пронајден, во лоша состојба и е реставриран во музејот. Сега е вклучен во изложба посветена на врските помеѓу Домигнез и Пикасо, која е отворена до 8 ноември.

17 јули 2020 - 10:10