Паоло Сорентино ќе снима филм за Силвио Берлускони

Филмот сигурно ќе изгледа многу откачено знаејќи го режисерскиот „ракопис“ на човекот кој доби Оскар за „Големата убавина“ во 2014, а до скоро беше актуелен со првата сезона на „Младиот папа“. 

Главната улога во биографскиот филм за Берлускони ќе ја игра Тони Сервијо, истиот оној кој го играше декадентниот писател во „Големата убавина“. Работниот наслов на филмот е „Лоро“, италијански за „тие“, но и хомоним за Л’оро (злато).

Иако сите очекувања се дека тој ќе биде критички опис на светот на поранешниот италијански премиер, сепак пошироката идеја на Сорентино е истражување на моќта:

„Темата на моќта е насекаде“ изјави тој неодамна во интервју по повод новиот филм за Ла Република, „а Берлускони е концентрат на нетривијални мистерии. Всушност, моќниот човек е мистериозен по дефиниција - предвидливата моќ нема ефект врз нас“.

Сорентино и претходно се има занимавано со моќни мажи, како во филмот Il Divo (2009), биографска драма за поранешниот италијански премиер Џулио Андреоти, а во својот роман „Тони Пагода и неговите пријатели“ главен лик му е италијански политичар од десницата, со слични карактеристики како и контроверзниот Берлускони.

12 април 2017 - 18:17