Додека е во тек скандалот со кампот за „сексуално образование“, приказна за жена - застапник на репродуктивните права - која во 1916 напишала и илустрирала прирачник за своите синови, но и за родителите низ Америка, кој бил оценет како „перверзен“ и „опасен“.
На сила во тој период била серијa пуритански закони кои важеле уште од 1873. Врз основа на нив за само 42 минути порота составена од мажи ја осудиле Денет за испраќање на прирачникот преку пошта.
Нејзиниот адвокат поднел тужба со што започнал голем федерален судски случај, кој сигнализирал почеток на крајот на ваквите закони во земјата, врз основа на кои била овозможена цензура на уметнички и други дела. Победата во случајот не само што ги зголемило можностите таа да го промовира правото на контрацепција и сексуално образование, туку значело и голем поен против нејзината конзервативна ривалка, основачка на „Планирано родителство“, Маргарет Сенгер.
Денес овој случај сепак е подзаборавен, можеби токму затоа што претставувал прв чекор во подолг процес. Прирачникот се викал „Сексуалната страна на животот: објаснување за млади“, содржел анатомско коректни цртежи и фактички информации славејќи го сексот како природен човечки чин. И покрај насловот, 16-те страници на памфлетот се поделени во два дела - Објаснувања за возрасни и Објаснувања за млади. Во првиот таа ги објаснува мотивите за својата книга, велејќи дека она малку сексуално образование кое до тогаш го добивале младите според неа е „нечесно и небезбедно“. Забележувала на тоа дека наместо користење на реалните имиња за сексуалните органи, едукаторите користеле поетски или колоквијални изрази кои ги збунувале децата. Истовремено, сексот им бил објаснуван преку примери со растенија и животни наместо директно дискутирајќи ја репродукцијата на луѓето. Исто така, воопшто не бил земан предвид емоционалниот аспект, како и менструацијата, венеричните болести и самозадоволувањето. Можеби ова се многубројни теми за само 16 страници, но таа некако успеала барем да го пробие мразот во нивното третирање.
Медиумите со задоволство го пренесувале судењето, со што Денет станала позната јавна личност, чиј памфлет подоцна слободно се продавал по книжарници, а бил и преведен на 15 различни јазици.
Познатите детали од приватниот живот на Денет укажуваат на мотивите за пишување на прирачникот. Во пет години таа родила три деца од кои две преживеале. Секоја понатамошна бременост претставувала голем ризик и можела да заврши фатално по неа. Бидејќи контрацептивите биле забранети, Денет се соочила со тежок избор: да се воздржува од секс или да ризикува смрт. По две години, мажот ја напуштил. Од тогаш била самохрана мајка, која целиот понатамошен живот го посветила на правото на планирање на семејството и пристапот и на мажите и на жените до сексуално образование.