На 23 јуни беше објавена нова, тринаесетчасовна аудиокнига на Хомеровата „Одисеја“. Наместо Мајкл Кејн лично да ја снима нарацијата, неговиот глас е создаден со помош на технологија за вештачка интелигенција развиена од компанијата ElevenLabs. Покрај дигиталната верзија на гласот на Кејн, аудиокнигата содржи и други гласови генерирани со вештачка интелигенција, оригинална музика и звучни ефекти што треба да создадат впечаток на вистинска драмска изведба.
Според авторите на проектот, Мајкл Кејн дал согласност неговиот глас да биде користен на овој начин. Во изјава објавена по повод промоцијата, актерот истакнал дека „Одисеја“ е една од најголемите приказни што некогаш биле раскажани и дека нејзините теми – истрајноста, верноста, искушенијата и копнежот по домот – веќе речиси три илјади години ги допираат луѓето од различни култури.
Проектот е дел од систем во кој актерите добиваат надомест секојпат кога нивниот лиценциран глас ќе биде употребен преку оваа технологија.
Аудиокнигата доаѓа во време кога јавноста сè повеќе дебатира за улогата на вештачката интелигенција во уметноста. Многу актери и писатели стравуваат дека технологијата може да ги замени човечките изведувачи, додека компаниите што ја развиваат тврдат дека таа може да се користи етички, доколку авторите дадат согласност и бидат соодветно платени.
Интересот за оваа аудиокнига дополнително е зголемен затоа што се појавува само неколку недели пред премиерата на долгоочекуваниот филм „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан.
Компанијата ElevenLabs потсетува дека „Одисеја“ првично не била создадена за тивко читање, туку за усно раскажување пред публика. Според нив, оваа современа верзија претставува обид античкиот еп повторно да оживее преку новите технологии и да им се приближи на денешните слушатели.