„И како ја среди Раскољников бабата, а?“, ти вели некој пред да ја прочиташ „Злосторство и казна“, а тебе ти иде да ја наточиш секирата од двор, и да му ја приредиш истата судбина на спојлаџијата. Книжевен усул да се немало.
За повеќето од нас ваквата одмазда би останала во сферата на фантазиите, но не и за извесен Сергеј Савицки, 54-годишен електро-инженер. На 9 октомври 2018, тој неколкупати го прободел Олег Белогузов, 52-годишен заварувач. Обајцата работеле во станицата Белингсхаузен, лоцирана на остров во Антарктикот, а Савицки во моментот наводно бил ѓон пијан. Белогузов, чие срце било оштетено при нападот, итно бил пренесен во болница во Чиле, додека Савицки доброволно се предал и бил сместен во напуштена црква 10 дена додека не го однеле назад во Русија. Црквата се вика св. Тројство, и е единствената активна православна црква на Антарктикот, изградена во традиционален руски стил и одржувана од двајца свештеници кои во текот на тој период практично биле чувари на Савицки.
Една од причините за тензијата која додуша траела подолго време, е што Белогузов не престанувал да му кажува спојлери за краевите на книгите кој овој ги читал. А што друго би правел човек на едно такво место на крајот на светот освен да се внесува во книги за да му помине времето?
Нападот се случил половина година откако двајцата биле постојано заедно во оваа станица, каде има само 24 сончеви денови годишно, со просечна температура од 1.6 степени Целзиусови, и тоа во текот на најтоплиот месец. Станицата е составена од 15 „контејнери“ и може да собере 40 луѓе. Во текот на престојот на нашиве ликови таму имало 14 души.
И како што обично бива после бомбастична вест, не можевме да го дознаеме крајот на приказната - дали Савицки бил осуден, и на колку. Да имаше некој да ни го открие, немаше да го обвиниме за спојлање.