„Лебедово езеро“ е играно во најграндиозните оперски куќи низ светот. Но со оглед на новонастанатите околности, новата верзија нарачана од Би-би-си ќе мора да се изведува во кадите на балетските играчи.
„Лебедово езеро во купатило“ ќе биде направена врз основа на музиката на Чајковски, а кореограф е Кори Бејкер. Тој сакал да создаде дело кое ќе ги здружи играчите кои се во изолација и се запрашал што е она што сите би го имале дома. Најлогичното нешто поврзано со вода било - када или туш.
Бејкер ја создал кореографијата во сопственото купатило, за да знае колку и како можат танчарите да се движат во тоалет со просечна големина. Од тука ги снимал и туторијалите и ги држел пробите, бидејќи ако тоа го направел од поширока просторија во станот не би го имал истото чувство.
Секој изведувач се снима себеси со телефонска камера со подобар квалитет - некои танцуваат во обоена вода, други користат пердуви од 20 перници. „Малку е откачено“, вели кореографот. „Како да се обидуваш да закачиш слика на ѕид со заврзани очи, при што си и километар оддалечен“.
Триминутниот филм ќе биде достапен онлајн како дел од поширокиот проект на Би-би-си, Култура во карантин. Играчите се од различни меѓународни компании а сите се среќаваат преку Зум.
Бејкер претходно бил дел од британската трупа BalletBoyz, која често имала претстави на неочекувани локации, со цел да го приближи танцот на нова публика. Едно од неговите претходни кореографии е танцовиот филм Spaghetti Junction кој изгледа како да е снимен во Скопје под железничка, направен на Денот на земјата како дел од спомнатиот проект.