Следната, шеста сезона на серијата во продукција на Би-би-си „Пики Блајндерс“ (кај нас преведена како „Жилитите од Бирмингем“), ќе биде и последна. Но нова танцова-театарска продукција, креирана од авторот на серијата Стив Најт, ќе ја раскаже гангстерската сага и за театарската сцена.
„Пики Блајндерс: искупувањето на Томас Шелби“ премиерно ќе биде прикажана во „матичниот“ Бирмингем, а потоа во текот на 2023 ќе биде на турнеја. Таа е соработка со танцовата трупа Рамберт, а ќе вклучува 20 изведувачи и бенд кој во живо ќе изведува посебно нарачана музика.
Кореограф е Французот Беноа Свон Пуфер, кој ја опишува продукцијата како „инспиративна и ведра“. Таа почнува на крајот на Првата светска војна, а се фокусира на љубовната врска на Томас Шелби и келнерката-тајна агентка Грејс (која во серијата ја игра Анабел Волис).
Најт вели дека серијата секогаш во себе содржела музика и движења, а дека оние на кои целиот концепт на Пики Блајндерс низ танц им изгледа бизарна, треба да се стрпат и да си резервираат билет уште од сега.
Ова не е прв пат Стивен Најт да пишува за театар. Неговата драма „Претседател на празна соба“, која се одвива во тек на еден ден во кубанска фабрика за цигари, се прикажувала во Националниот театар во Лондон во 2005. Најт, по завршувањето на серијата и на претставата, најави и филм „Пики Блајндерс“.