Нова графичка новела според „Њујоршка трилогија“ на Пол Остер

Во 1994, „Град од стакло“ на Остер беше адаптирана во графичка новела и веднаш стана култна класика, објавена во над 30 изданија во светот. Но тоа беше само првиот роман во трилогијата, а читателите со години чекаа на другите два. Сега ги добиваат сите во комплет.

Замислена како игра со детективскиот жанр, „Њујоршката трилогија“ на Пол Остер всушност се занимава со повеќе филозофски теми. Во „Град од стакло“ авторот на ваква проза истражува убиство и запаѓа во лудило. „Дух“ е за приватен детектив по име Блу, патник по име Блек и клиент по име Уајт. Во „Заклучената соба“ еден писател доживува блокада и се обидува да ја прекине со решавање на мистеријата на исчезнувањето на неговиот пријател од детство. 

Сега сите делови од оваа серија се појавуваат во форма на графичка новела. Мајсторот зад нив е Пол Карасик, кој е нивен уметнички уредник. „Градот од стакло“ е илустрирана од наградуваниот цртач Дејвид Мазучиели, вториот дел од дизајнер на корици за Њујоркер и Ле Монд, Италијанецот Лоренцо Матоти, а „Заклучената соба“ е нацртана од самиот Карасик. До својата смрт во април минатата година, на возраст од 77 години, Остер соработувал со авторите на втората и третата книга (првата е излезена во 1994).  

Дел од критичарите веќе ја нарекуваат новелата „ремек-дело“ полно со постмодерни трикови. Некои одат до таму што велат дека порадо би ја читале оваа верзија отколку оригиналните романи. 

За Остер во Букбокс види претходно:
Букбокс читанка за „4 3 2 1“
„Ова е веројатно последното што ќе го напишам“ - интервју со Остер
Преписката меѓу Џ. М. Куци и Остер  

7 април 2025 - 16:17