Вчера, 5.3, беше објавено дека оваа година ќе се доделат две Нобелови за книжевност, откако минатата таа не беше доделена и тоа прв пат од 1949. Нобеловата фондација излезе со соопштение дека по скандалот (за кој пишувавме на неколку наврати на пример тука) „преку чекорите кои ги презема и има намера да ги преземе, ќе создаде добри можности за обновување на довербата“.
Најважната промена во изборот на добитникот е воведувањето на петмина независни и надворешни членови кои ќе помагаат во донесувањето на одлуката во следните пет години. Како конкретно се одвива изборот до сега беше добро чувана тајна: она што се знае е дека во февруари се разгледуваат околу 200 номинации, во мај се заокружува список на оние кои влегуваат во „полуфинале“, тој во текот на летото се сведува на пет имиња и на крај на едно. Архивите во врска со работата на комитетот се обелоденуваат дури по 50 години.
„Изгорена“ од претходните настани, Академијата сега размислува и за временско ограничување на статусот на нејзините членови, и „веќе не вклучува такви кои имаат некаков конфликт на интерес или се под истрага“.
Последниот добитник на Нобел за книжевност беше Казуо Ишигуро во 2017. Минатата година Мариса Конде од Гвадалупе го доби „алтернативниот Нобел“, кого го додели тн. Нова Академија составена од повеќе од сто шведски писатели, актери и новинари, во знак на протест против „вистинската“.