Њујорк Тајмс случајно објави, а потоа избриша вест под наслов „Полиња лубеници пронајдени на Марс, вели полицијата“, напишан од извесен „Џо Шмо“.
„Властите велат дека подемот на овошните вонземјани е причината за поројот лубеници во вселената“, се вели во статијата која сега е достапна само во архивирана форма. „ФБИ одби да коментира за дождот од лубеници, но потврди дека е спречена бура од киви. Оваа статија е неверојатно здодевна.“
Изгледа дека текстот е напишан за да се тестира системот за управување со содржини и по грешка е обелоденет, на задоволство на другите медиуми и на социјалните мрежи.
„Вратете ги, кукавици!“, гласеше една реакција по објавата на Тајмс дека станува збор за грешка. „Разочаран сум што не станува збор за текст од 10.000 зборови сосе интерактивни визуелизации“, иронизираше друг асоцирајќи на луксузно опремените стории кои знае да ги објави Њујорк Тајмс. „Сакаат да ме замолчат“, „Светот ја заслужува вистината“, „Правда за лубениците“ - твитерџиите фаќаа сеир.
The people need to know. #watermelons https://t.co/4znqMPoNJk
— ElleCue (@ElleCue) June 8, 2021
Засега неколкуте НАСА мисии и роверот испратен од Кина истражуваат можност за постоење живот на нашиот планетарен сосед. Кој знае, можеби ќе се појави и некое семе од марсовска - џиш црвена - лубеница.