Вчера (31.1) Њујорк Тајмс објави дека ја купил играта со зборови Wordle. Сумата не е откриена, но според соопштението станува збор за седум цифри.
Креирана од инженер на Редит и прв пат објавена во октомври минатата година, Вордле на играчите им овозможува шест обиди за да се погоди збор од пет букви. Зборот е ист за сите а се менува еднаш дневно. Бесплатната онлајн составувалка на зборови стана толку популарна што Твитер мораше да ги брише акаунтите од кои се споделуваа „спојлери“ за тоа кој е зборот на денот (поопширно за играта види претходно тука). Многу бргу се појавија и верзии на други јазици, меѓу кои и на македонски, Зборле.
Креаторот на играта, Џош Вардл, во интервјуа до сега изјавуваше дека виралниот успех на играта по малку го вознемирува, и дека чувствува одговорност кон играчите таа да се подобрува и да функционира како што треба.
Помеѓу пофалбите за играта имаше и такви кои дојдоа од уредникот за крстозбор на Њујорк Тајмс, кој забележа дека една од нејзините предности е што не се игра долго, што пак ја прави совршена за нашето време кога луѓето имаат краток опсег на внимание. Фактот дека таа се појави во трета година од глобална пандемија, поттикна дополнителна носталгија кон игри од „невиното“ време на интернет.
По продажбата Вардл изјави дека е возбуден што Њујорк Тајмс ќе ја води играта напред, и дека и до сега се восхитувал на пристапот кон игрите на весникот. Иако додаде дека таа ќе остане бесплатна и за новите и за постоечките играчи, на социјалните мрежи веднаш се појавија сомнежи дека иако можеби ова ќе биде така на почетокот подоцна играта би можела да заврши зад некој вид ѕид на претплата, или да содржи зборови кои на индиректен начин ќе промовираат производи и услуги.
really pleased wordle guy got the bag, but it's a bummer that this thing we all like is for sure disappearing behind a paywall
— Ryan Boyd (@ryandroyd) January 31, 2022
Како и да е, сумата од седум цифри за нешто толку едноставно како игра со зборови од пет букви, важи.