Нигерискиот џезер кој се борел против нацистите во Полска

Џез музичарот Огаст Агбула Браун веќе живеел во Полска 17 години, кога во 1939 станал дел од антифашистичкото движење во земјата.

В0 2019 во Варшава беше поставена спомен-плоча на Огаст Агбула Браун, кој бил на околу 40-годишна возраст кога во 1939 почнал да се бори на страната на својата втора татковина - Полска. Тој ја преживеал војната во која 94% од жителите на Варшава биле или убиени или иселени, и продолжил да живее во уништениот град до 1956, кога емигрирал со својата втора сопруга во Британија.

За жал детали од неговиот живот пред преселбата во Европа не се познати. Се знае само дека бил роден на 22 јули 1895 во Лагос, тогаш дел од Британската империја, а дека родителите најверојатно биле припадници на племето Јоруба. Од Африка пристигнал најпрвин во Англија со британски трговски брод на кој работел татко му. Од тука се придружил на театарска трупа која патувала низ Европа и завршил во Полска преку Германија.

До 1930-тите тој станал познат џез перкусионист, кој редовно свирел во рестораните во Варшава. Таму го затекнала војната, кога станал член на Здружението на борци за слобода и демократија. Во склоп на нивните активности, тој почнал да дистрибуира илегални весници, набавувал електронска опрема и обезбедувал засолниште за бегалци од еврејското гето, каде владееле болести и глад. Ова го правел и покрај тоа што со британскиот пасош можел да замине од Полска. Кога пристигнал во земјата, тој прво се населил во Краков каде се оженил со првата сопруга, Зофија Пиковна, со која имал два сина, Ришард и Александер. Бракот не се одржал, но на почетокот на војната, организирал тие да избегаат за Англија. Тој сепак одлучил да остане.

Уште двајца црни Африканци служеле во полската армија во текот на полско-болшевичката војна (1919-1921) - Џозеф Дијак од Сенегал и Сам Снади чие потекло не е познато, но тие умреле пред почетокот на Втората светска војна. Оттаму, Браун е единствениот црнец кој се борел против нацистите во рамки на полското движење на отпорот. Неговото име и активности биле откриени дури во 2010 од страна на полски историчар.

3 јануари 2021 - 20:54