Нетфликс ќе прави реално шоу од играта „Монопол“

Од глобален бренд до телевизиско шоу - една од класичните друштвени игри влегува во ново и храбро поглавје. Со оглед на тоа колку знае капитализмот да биде суров, очекуваме и сурова игра.

„Не лути се човече“, „Ризик“ и „Монопол“ - тоа е тројството за оние кои всушност не играат, или само некогаш (во детството) играле друштвени игри. Откако во 1935 браќата Паркер ги купиле правата за последната, играта е објавувана во различни форми, од таква со карти, екстра-долга верзија и верзии кои се брендирани според славни бендови или личности (Металика, Хари Потер). 

„Монопол“ денес е меѓународно позната, се продава во над 100 земји, на над 40 јазици. Единствено што ни треба сега е натпреварувачко реално шоу базирано на играта, а Нетфликс изгледа ќе ни ја оствари таа желба. 

Според Дедлајн, стриминг сервисот успешно лицитирал за правата играта да ја претвори во серија без сценарио. Станува збор за голем „социјален експеримент“ во кој учесниците ќе се борат за пари и да ја уништат конкуренцијата. Ни асоцира на шоуто според „Сквид гејм“ кое доживеа огромна популарност барем во првите епизоди. 

Засега не е јасно кога серијата ќе почне да се емитува на Нетфликс и какви натпревари ќе вклучува. Покрај ТВ адаптацијата се зборува и за акциски филм што ќе го пишуваат сценаристите позади „Данџнс енд драгонс: чест помеѓу крадци“ од 2023. 

Ова нема да биде прв пат „Монопол“ да биде адаптиран за малите екрани. Вакво шоу имало во 1990 на Еј-би-си но одело само 13 недели. Сепак некои епизоди се уште можат да се видат на јутјуб.

Види претходно: Оригиналната игра Монопол всушност била антикапиталистичка

9 април 2025 - 09:20