„Веб ќе биде најголемиот, најмоќниот и најкомплексниот вселенски телескоп кој некогаш бил изграден и лансиран во вселената. Тој фундаментално ќе го промени нашето разбирање на вселената“.
Вака пишува на официјалниот сајт на НАСА, како најава на лансирањето на вселенскиот телескоп Џејмс Веб, кое треба да се случи до крајот на 2021. Неговата вредност се проценува на дури 8,8 милијарди американски долари, но и самата симболика на најмоќна астрономска алатка на сите времиња подразбира дека неговото име носи голема тежина.
Некои астрономи реагираа дека тоа ќе значи глорифицирање на анти-ЛГБТ чувства и на дискриминацијата, нешто што според нив го ширел американскиот политичар Џејмс Едвин Веб, вториот администратор на НАСА, кој бил одговорен за оваа агенција од почетокот на мандатот на Кенеди до крајот на оној на Џонсон. Тоа значи дека тој бил раководител на пионерските лансирања во рамки на програмата Џемини во 1960-тите, а бил вклучен и во справувањето со пожарот кој го зафати Аполо 1, кој требаше да резултира со првото стапнување на човекот на Месечината но никогаш не успеа во тоа, поради експлозија во кабината која ги уби сите три членови на посадата.
Во мај оваа година четворица истакнати астрономи покренаа и петиција за да се смени името на телескопот. Таа собра 1250 потписници, вклучително и научници на кои им е доделено време за идна работа со телескопот.
Главниот историчар на НАСА, Брајан Одом, сега работи со независен, надворешен историчар, за да се прегледаат сите архивски документи поврзани со политиките и дејствата на Веб. НАСА ќе одлучи за следниот чекор по завршување на истрагата.
Телескопот е именуван во 2002, од поранешниот администратор на НАСА, Шин О’Киф, уште кога тој бил во рана фаза на развојот. Ова било еднострана одлука, која изненадила многумина, бидејќи телескопите вообичаено се именувани според научници, а не по државни службеници или политичари. О’Киф изјавил дека го одбрал името поради тоа што Веб се борел НАСА да ги задржи научните истражувања како клучен дел од своето портфолио во 1960-тите, дури и кога програмата Аполо за истражување на вселената го одвлекувала вниманието на агенцијата, што значи и огромен дел од нејзиниот буџет. „Без водството на Веб немаше ни да има телескоп, а богами и што и да е друго во НАСА на коешто ќе му требаше име“, изјавил тој.
Веб ја започнал својата кариера во американската влада во доцните 1940-ти, кога геј луѓето биле систематски отпуштани поради својата сексуална ориентација. Тоа било кампања поттикната од неколку истакнати членови на Конгресот. Овој период е познат како „лаванда ужас“, варијанта на анти-комунистичкиот „црвен ужас“, кога припадниците на геј заедницата биле портретирани како перверти, кои поради тоа што мораат да ја држат својата сексуална ориентација во тајност би можеле да бидат лесно податливи за откривање владини тајни и подложни на уцени. Епицентарот на кампањата бил Стејт департментот, каде Веб бил на висока позиција од 1949 до 1952. Тогаш тој наводно потпишал неколку меморандуми на тема „проблемот на хомосексуалците и сексуалните перверти“, а учествувал и на состаноци во текот на кои давал хомофобични изјави.
Сепак, други астрономи велат дека е прерано да се носат какви и да е заклучоци и дека не постојат докази дека Веб имал раководна улога во „ужасот со боја на лаванда“.
Поттикот за преименување на телескопот е дел од поширока кампања на преименување згради, институции и други објекти, поради сомнителното минато на историските личности според кои тие го добиле името. Минатата година слична иницијатива беше покрената за преименување на центар на НАСА во Мисисипи која го добила името според Џон Стенис, сенатор кој постојано гласал за расна сегрегација во текот на 1960-тите. Сепак, до сега оваа иницијатива е безуспешна. Ќе видиме како ќе заврши оваа, за преименувањето на наследникот на славниот Хабл.