Во 2016 пишувавме за британско-индискиот уметник Аниш Капур, кој доби ексклузивно право од компанијата Наносистеми да користи тн. вантацрна, боја направена од голем број микроскопски карбонски нано-цевчиња кои апсорбираат само 0.035% од видливата светлина. Тогаш сликарите низ светот се побунија за ваквата монополизација на бојата, а еден од нив се одмазди со тоа што измисли посебна розова нијанса, која можат да ја користат сите ОСВЕН спомнатиот Капур (за што подетално пишувавме тука).
Сега, среде белата боја на зимските спортови на Олимпијадата која треба да започне утре, 9.2, во Пјонгчанг, се наоѓа најцрната зграда на планетата, премачкана токму со варијанта на спомнатата црна боја, која прави објектот да изгледа како портал во паралелен универзум. Тоа е привремен павилјон на автомобилскиот гигант Хјундаи, дизајниран од британскиот архитект Асиф Кан. Опишан како најголемата наноструктура на светот, тој е „варосан“ со Вантаблек Vbx2, боја на која Наносистеми работеле последниве години за да го задоволат неверојатно големиот интерес на архитектите и дизајнерите. Еден од нив бил и Кан, кој до сега беше најпознат по тн. „селфи зграда“ од Олимпијадата во 2014 во Сочи, со фасада која се моделираше според селфињата на посетителите.
Во внатрешноста на неговиот павилјон има илјадници светилки поставени на јаженца, моделирани според позицијата на ѕвездите гледано од таа точка на земјата, и поставени на различна длабочина, што создава илузија на лебдење во вселената додека се чекори низ зградата. Целата работа е всушност реклама за лансирањето на нов автомобил на Хјундаи, кое ќе вози на водород.
Самата боја ќе биде официјално претставена следниот месец, но нема да ја има во слободна продажба. Според производителот таа мора да се аплицира од специјализирани компании, кои користат техники кои формираат конзистентна наноструктура.