Во историјата на за војна секогаш подготвеното човештво примери за крвави судири „за ништо“ има повеќе. На пример тн. 100 часовна војна, во која Салвадор го нападнал Хондурас во 1969 после контроверзен фудбалски натпревар. Или кога австриската војска во 1788 на пијано се нападнала самата себе, што Турците го искористиле за да го освојат градот Карансебес во денешна Романија. Или кога куп луѓе загинале - заради кофа.
Станува збор за тн. „Војна на дрвената кофа“ водена во 1325 година, помеѓу градовите-ривали Болоња и Модена во северна Италија. Таа била испровоцирана од моденските војници кои ја украле кофата со која се црпела вода од градскиот бунар, иако реалната причина била многу подлабока од бунар. Ова било само епизода во 300 години долгата војна помеѓу Гелфите и Гибелинзите, две групи во средовековна Италија со спротивни идеи за тоа кој треба да биде главен во земјата - Гелфите го поддржувале Папата а Гибелинзите светиот римски цар, или поедноставно едните биле од „партијата на црквата“ а другите од „царската“. Главни Гелфски градови биле Анкона, Перуџа, Фиренца, Болоња. Гибелинзите ги држеле, меѓу другите, Арецо, Урбино, Пиза и Модена.
Инцидентот со кофата се случил среде атмосфера на постојани тензии и непријателства, кога неколкумина моденски војници влегле во центарот на Болоња. Сакајќи да го понижат локалното население, им украле нешто материјално небитно, но со голема симболичка вредност - кофата од која градот секојдневно црпел вода.
Болоњчаните одговориле со објавување војна на Модена, по што следела тн. Битка кај Заполино. Болоњската армија се состоела од 32.000 луѓе, наспроти 7000 моденски војници, кои се судриле на болоњска територија, кај местото Заполино. При судирот биле убиени повеќе од 2000 војници. Моденската страна победила, а древната дрвена кофа се чува како трофеј во црква во Модена до ден денес.
Во 17 век италијанскиот поет Алесандро Тасони составил пародична епска поема под наслов „Украдената кофа“, а постои и таква комична опера од Антонио Салиери, душманот на Моцарт, прв пат изведена во 1772 во Виена.
Кратко филмче за инцидентот: