Ѝ се случувало да ја соборуваат од карпата на која седи. Да ја обезглавуваат. Да ѝ ја кршат раката. Или врз неа да истураат боја. Сега врз скулптурата на Малата сирена, стара повеќе од еден век, на влезот на пристаништето во Копенхаген осамнаа зборовите „расистична риба“.
Иако изгледа никому не му е сосема јасна пораката на оној што го испишал графитот, сепак е јасно дека сето ова има врска со протестите во контекст на „Црните животи се важни“ и уништувањето на статуи на историски фигури низ светот поврзани со ропство и расизам. Минатиот месец беше вандализирана статуа на дански мисионер, кој играл клучна улога во колонизацијата на Гренланд. А овој најнов инцидент најверојатно е поврзан со реакциите на активисти, откако данските власти изјавија дека неодамнешно убиство на човек со мешано расно потекло од страна на двајца белци не било расно мотивирано.
Скулптурата е посетувана од милиони туристи годишно. Дизајнирана е од уметникот Едвард Ериксен, а модел му била неговата жена, Елин. Таа е направена во чест на славната бајка на Ханс Кристијан Андерсен за митска ќерка на морскиот крал, која се заљубува во принц и мечтае да стане човек.
Андерсен до сега не бил мета на коментари во врска со негов евентуален расизам. Тој додуша се занимавал со темите на колонијализмот и расата во својата драма „Мулато“ од 1840. Минатата година нова верзија на „Малата сирена“ на Дизни стана предмет на контроверзи откако за главната улога беше ангажирана афро-американската актерка Хали Беjли.