Молиер од машина: ВИ напиша „ново“ дело од 17 век

Францускиот драматург Молиер, кој за Французите е нивниот Шекспир, „се врати“ на сцената повеќе од 350 години по неговата смрт – со помош на вештачка интелигенција. Истражувачи од универзитетот Сорбона во Париз употребиле ВИ за да создадат експериментална театарска претстава напишана во стилот на Молиер.

Претставата „Астрологот или лажните предзнаци“ е комедија во три чина, која неодамна беше премиерно изведена во Кралската опера во дворецот Версај. Приказната следи богат париски буржуј кој, под влијание на измамник-астролог по име Псеудорамус, сака својата ќерка Лусил да ја омажи за стар и задолжен производител на перики.

Иако темата и атмосферата потсетуваат на оригиналните дела на Молиер, дијалозите, музиката, костимите и сценографијата биле создадени со помош на француската ВИ алатка „Ле ша“. На проектот, наречен „Молиер екс макина“, работеле истражувачи, книжевни експерти, лингвисти, историчари и уметници повеќе од две и пол години.

Процесот бил многу сложен и вклучувал околу 20.000 интеракции меѓу луѓето и ВИ системот. Истражувачите постојано ги коригирале и преработувале сцените што ги предлагала вештачката интелигенција. Режисерот Микаел Буфар изјавил дека првата верзија на текстот имала само осум страници и била прилично неинтересна, па затоа многу сцени морале повторно да се пишуваат.

Буфар нагласил дека големата предност на ВИ е што може да ги „запамети“ сите дела што ги напишал и прочитал Молиер, нешто што човек не може да го направи во целост. Темата за астрологијата, која ја предложила самата ВИ алатка, била избрана затоа што овозможува разговор за манипулации, лажни верувања и дезинформации – теми кои денес се многу актуелни.

Проектот предизвика интерес и дебати во Франција, каде што употребата на вештачка интелигенција во уметноста е чувствителна тема. Сепак, фактот што зад проектот стојат академски експерти и театар кој е специјализиран за автентични реконструкции на дела од 17 век помогнал да се избегнат поголеми негативни реакции.

Некои критичари се воодушевени и оцениле дека дијалозите звучат убедливо и речиси вознемирувачки веродостојно, додека други сметаат дека добар драмски автор би можел да создаде вакво дело и без помош од ВИ. Француските медиуми ја опишале претставата како „луд потфат“, но забележале дека на моменти делува повеќе како имитација отколку како вистинско дело на Молиер.

13 мај 2026 - 09:44