Meчка страв, мене перформанс

Еден француски уметник ќе помине две недели во стомак на препарирана мечка. Зошто? Така.

Абрахам Поаншевал ќе го изведува неговиот перформанс „Вo кожата на мечката" во Musée de la Chasse et de la Nature (Музеј за лов и природа) во Париз. Планот е до 13. април да не излезе од стерилизираниот труп, што значи да јаде, да спие и да се „олеснува" во неа додека е сниман од две камери. Претходниот проект на истиот уметник се состоеше од еднонеделен престој во подземна дупка покриена со камен под книжарница во Марсеј, за што пишувавме тука.

На сликата е прикажан ентериерот на мечката, кој меѓу другото вклучува значаен број книги, место за отпад и термос. Најинтересно ни беше дупчето кај задникот, кој претставува „шпионка“, веројатно за да се знае ако случајно наидат други мечки.

Во образложението за ова со мечкава Поаншевал вели дека бил инспириран од животинските трупови со кои дошол во допир кога изведувал еден друг перформанс на француските Алпи. „Врската помеѓу човекот и мечките е воспоставена од мугрите на човештвото. Постои длабока симболика, која се уште е предизвик за имагинацијата на западниот свет", вели тој, додавајќи дека неговиот престој во мечката и излегувањето од нејзиниот стомак означува повторно раѓање, обред на премин од светот на мртвите во оној на живите. Нешто ко Црвенкапа, ама со мечка и без баба.

3 април 2014 - 08:43