Куќата во која е роден Хитлер претворена во полициска станица

Куќата во австрискиот град Браунау на Ин, во која во 1889 година е роден Адолф Хитлер, од 22 јули официјално стана полициска станица. Одлуката, донесена по долгогодишни расправи и обемна реконструкција, повторно ја отвори дебатата за тоа како треба да се постапува со местата поврзани со нацистичкото минато и како тие да се зачуваат од злоупотреба.

По повеќе од една деценија празнење и неизвесност околу нејзината иднина, зградата на улицата „Залцбургер Форштат“ бр. 15 во австрискиот град Бранау сега е седиште на локалната полиција и окружната полициска команда. Иако Хитлер е роден таму, неговото семејство било само потстанар и се иселило неколку месеци подоцна.

Историјата на куќата е бурна. По анексијата на Австрија од страна на нацистичка Германија во 1938 година, нацистичката партија ја купила и ја претворила во идеолошки центар. По Втората светска војна таа повторно преминала во сопственост на семејството, а подоцна австриската држава ја користела како библиотека, училиште и работилница за лица со попреченост. Од 2011 година зградата останала празна.

Во 2016 година државата ја национализирала куќата за да спречи таа да стане место за собирање на неонацисти. Формирана била стручна комисија која препорачала во неа да се смести социјална установа или државна институција. На крајот било одлучено таму да биде сместена полицијата, со образложение дека демократската држава токму преку полицијата се бори против неонацистичките активности.

За реконструкцијата биле потрошени околу 20 милиони евра, а фасадата намерно добила едноставен изглед за да не привлекува внимание.

Одлуката, сепак, останува контроверзна. Дел од жителите и историчарите сметаат дека е пропуштена можност куќата да стане центар посветен на мирот, демократијата и човековите права. Според анкета од 2023 година, само шест проценти од испитаниците ја поддржале идејата таму да има полициска станица.

Други, пак, нагласуваат дека денешната полиција нема никаква врска со полицискиот апарат од времето на нацизмот. Според нив, во современа демократска држава полицијата е институција што ги штити законите и граѓаните, а не средство за репресија.

Пред зградата останува спомен-каменот донесен од концентрациониот логор Маутхаузен, со натпис: „За мир, слобода и демократија. Никогаш повеќе фашизам. Милионите мртви нè потсетуваат.“

Случајот повторно ја отвори и пошироката расправа за односот на Австрија кон сопственото нацистичко минато. Иако земјата со децении се соочува со својата историска одговорност, анкетите покажуваат дека дел од јавноста смета дека е време да се стави крај на тие расправи. Новата намена на куќата на Хитлер затоа останува симбол на сложениот баланс меѓу зачувувањето на историското сеќавање и спречувањето местото да стане предмет на славење или митологизација.

22 јули 2026 - 12:48