Колку и да звучи ретро, еротската аура околу скандинавската кинематографија не е случајна, туку историски заслужена. Нам, на пример, прва асоцијација на шведски филм не ни е Бергман, туку „Шест Швеѓанки на бензинска", кој на времето играше во кино Вардар.
Нajновиот скандинавски производ во оваа смисла, „Нимфоманка" на фон Трир (кој патем ќе игра и на претстојниот Синедејс) во својата „сирова“ верзија е пет и пол часовна мешавина на експлицитен секс со муабети за руската револуција, рибарски мушички, Бах и Фибоначи. Стелан Скарсград, најпознат по неговите улоги во „Тор" и „Авенџерс", човекот кому самодијагностицираната нимфоманка му ја раскажува нејзината приказна, тука е далеку од суперхерој во блокбастер. Но она што се заборава во прогласувањето на „Нимфоманка" за револуционерен е дека истиот тој Скарсгард глумел и во „Анита", шведска драма за постари од 18, во која убава сексуална зависничка му зборува за нејзиниот трауматичен љубовен живот. Звучи познато? Во 1974, кога се појавил овој филм, скандинавската репутација за ризични филмови (особено со сексуална содржина) веќе била воспоставена.
Првиот во оваа смисла веројатно бил „Едно среќно лето" на Арне Матсон од 1951, во кој имало суптилни сцени со голи гради, што било доволно тој да стане меѓународно успешен. Во 1953 следел некој вид негова преработка, „Лето со Моника" на Бергман, во кој глуми Хариет Андерсон, што е повторно некаква врска со Трир, бидејќи истата глумица се појавила во Догвил, 50 години подоцна.
Иако далеку од она што денес би го категоризирале како порнографија, овие филмови биле „квантен скок" за американските или британските кино љубители, кои за да видат голо тело патувале и по неколку часа од еден во друг град, и морале да ја издржат за нив непотребната уметничка нарација.
Швеѓаните некако предничеле во тој кинематографски пристап кон необврзниот секс, без ронка вина, а меѓународните дистрибутери, подеднакво ослободени од морални дилеми, фино заработувале на ваквата ситуација, менувајќи ги дури и насловите на филмовите така за тие да звучат поеротски. „Лето со Моника" станал само „Моника", „Приказната за лошата девојка" - „19-годишната мераклијка", а „Анита" - „Анита, шведската нимфета".
Сепак, овие филмови не биле само за заруменети русокоси кои се соблекуваат покрај глечерски езера. „Јас сум љубопитна - Жолто" кој излегол во 1967 бргу заработил скандалозна репутација преку океанот заради сексуалната содржина, но всушност поголемиот дел од него е остра критика на шведското општество изразена низ авангардни средства, исто како и филмот на Мак Алберг кој следел, во данско-шведска продукција, „Јас, жена" од 1965, која е студија на сексуалноста на една млада жена.
Но најголемиот придонес на скандинавската еротска филмска индустрија се случил летото 1969, кога властите прифатиле закон кој ја укинува цензурата на слики. Истата година Данците организирале голема забава наречена Секс 69, порно саем кој привлекол 100,000 посетители и 200 странски новинари, како и режисери на порно документарци. И тука била кваката која овозможила британската и американската публика непречено да ги гледа и дискутира овие фимови - тие биле претставувани како документарци за еден европски социолошки феномен („разузданите Скандинавци“), а не како обични „порничи".
Секако, не биле сите воодушевени, особено не христијанските десничари. Откако во Британија почнал да се прикажува „Јазикот на љубовта", документарец чија цел била подобро сексуално образование, на улиците на Лондон излегле 30.000 луѓе, предводени од - пејачот Клиф Ричард. На нивните транспаренти пишувало: „Шведска - повеќе порнографија, повеќе самоубиства, повеќе алкохол и повеќе гонореа секоја година!".Сепак ова е филмот кој има посебно место во мејнстрим филмската историја - токму него го гледаат Роберт де Ниро и Сибил Шепард во сцена од „Таксист" од 1976. До тогаш егзотичниот вкус на Скандинавија веќе почнал да бледнее, а филмовите почнувале да стануваат сè поевтини и во финансиска и во естетска смисла.
Сега Скандинавците како да се враќаат во мода, иако нивните приказни изгледа дека не се нови, туку само обновени, наменети на некои нови генерации, кои можеби не знаат ништо за историјата на филмската голотија во земјите во кои и покрај глобалното затоплување сепак е прилично студено за лежерно да шеташ гол.