Во екот на понудите за костими за Ноќта на вештерките оваа година се случија неколку гафови. Волмарт, на пример, мораше да се извинува за тоа што големите броеви женски костими ги сместил во категорија „За дебели девојки". Друга голема дискусија се разви и во врска со костимите за девојчиња од 10-14 години, кои се прекумерно сексуализирани - не само во смисла на самата облека, туку и на нејзината презентација во рекламите.
Скандал се случи и на Амазон, кога таму се појави „Пресладок женски PhD мил секси костим", 96% полиестер и 4% ликра, кој се состои од „микро мини" тога, златна лента, и деколте на патент, кои треба да се перат само рачно. Дипломата, на која не е наведена областа на докторирање, ви доаѓа гратис.
Следеа „ентузијастични" коментари на вистински докторки на науки, кои онака како што им доликува, артикулирано и поткрепено со теорија, им одржаа предавање на производителите, но и на купувачите:
„Прво, јас сум жена со докторат. Како и сите жени со докторат, често се прашувам: Како би можела да изгледам по секси? Еве, овие прекрасни костими ќе ме спасат! Сега можам да предавам во моите високи штикли со златен врв и одора која едвај да ја има, додека раскажувам за машкиот поглед и неговите импликации по културата на силување во нашето општество. Од друга страна, што има врска - сè додека сум секси можам да заборавам на 7-те години мачење околу дисертацијата и занимавањето со иновативни истражувања".
„Поминав 6 години работејќи напорно на мојот докторат, што беше уште потешко бидејќи сум жена. Уште ме болат јајниците кога ќе помислам на тоа. Откако се здобив со овој висок степен на образование, единствената работа којашто можев да ја добијам, како и повеќето од мојата област, беше асистентска позиција која се плаќа помалку од 2000 долари по курс. Но по оваа облека мојот живот веднаш се смени! Моите постари колеги, редовни професори, ме викнаа на состанок и веднаш ме унапредија. За жал следното утро сфатив дека тоа НЕ бил наставно-научен совет туку коктел забава и дека воопшто не сум напредувала во кариерата. Назад парите!"
Единствен начин да го прифатиме костимов е да има ист ваков за доктори на науки, мускулести и секси мажи, опремени само со далечинско за Пауер поинт и авторитетен глас. Па да си играме доктори.