Циклусот концерти е наречен „Бизарте" и вклучува музички дела на 20. век кои во времето на нивното компонирање и изведување биле шокантни за јавноста. Еден од нив е концертот на шведскиот композитор Јан Сандстром од не толку далечната 1989, за модерниот Одисеј - бајкер кој патува низ светот носејќи го со себе својот тромбон. Солистот, во случајов Британецот Иан Боусфилд, поранешен прв тромбон на Виенската филхармонија, имитира звук на менување брзини на моторот со бројни ефекти кои ги прикажуваат техничките можности на овој инструмент, кој како солистички е ретко застапен во класичната музика.
Оркестрацијата на делото е сложена, и освен тромбон вклучува и пијано, харфа, сите перкусии, како и виртуоз-удирач на метални плочки. Иако звучи како да вклучува импровизации, делото е целосно напишано со стандардна нотација, а кулминацијата е солото на тромбон кое трае цели 24 минути. На светската премиера на делото солистот (славниот Кристијан Линдберг кому му е посветен концертот) излегол на сцената на бел мотор облечен во светло црвена кожа. Сите пет става се патување низ разни региони во светот - од Флорида, француската Прованса до абориџинските племиња и пустините на Австралија.
Еве го петиот, финален став од „Мотоциклистичката одисеја". Замислете како ветерот ве мава во лице додека утринава возите некаде далеку од градов, како лик од вестерн кој зад себе ги остава локалните убавици и душманите, и исчезнува на хоризонтот со чувство на праведник, oставајќи зад себе само пуфка чад.
Книга што оди со музикава тука