Френк „Д Фиксер“ Таљано е поранешен њујоршки гангстер, кој по сила на приликите, како заштитен сведок на ФБИ, е приморан да почне нов живот во изолираниот Лилехамер во Норвешка. Се запознава со локалците, со оглед на табиетот и искуството бргу почнува со „шано-мано“ шеми и влегува во (демек) комични ситуации.
Ова е содржината на „Лилихамер“ (игра на зборови со име на кучето на главниот лик, Лили, а и на начинот на кој повеќето англофони го изговараат името) почна да се прикажува во јануари 2012 на норвешката телевизија со рекордна публика од 998.000 гледачи (една петина од норвешкото население), а премиерата се случи на Нетфликс еден месец подоцна. Ова беше прв пат стриминг сервисот да понуди „ексклузивна содржина“, односно со други зборови, тоа беше првата серија продуцирана од Нетфликс. Траеше три сезони а ќе биде достапна на Нетфликс (САД) до 2029-та.
Серијата беше доживеана како лична навреда на обожавателите на „Сопранови“ кои во ваквиот начин на „молзење на кравата“ од страна на Стивен Ван Зандт (кој и не е професионален актер туку пред сè музичар) видоа богохулие. Но таа сепак остана запишана во историјата како прв производ на Нетфликс и тоа во време кога таквата титула можеа да ја понесат многу подобри серии од оваа.
Имено, во 2011 стриминг сервисот сфати дека најдобар начин да се придобијат нови претплатници е да се понуди оригинална содржина. Во март го најми Дејвид Финчер за да ја адаптира Би-би-си серијата „Хаус оф кардс“. Потоа, додека го чекаше резултатот, ја копродуцираше „Лилихамер“ со норвешката државна телевизија НРК1. Работата е што „Лилихамер“ беше завршена побрзо и излезе речиси една година пред „Хаус офкардс“. Така почна да се испишува приказната за тоа како стриминг сервисите почнаа да ја менуваат играта во однос на традиционалните радиофидузери.
Првиот и сигурен знак дека нешто се случува беше кога „Хаус оф кардс“ ја доби првата награда Еми во 2013. До тогаш Нетфликс воопшто не беше сфаќан како телевизија. Десет години подоцна, во 2022, Нетфликс на доделувањето на Еми зема неверојатни 44 трофеи. Најблискиот ривал, ХБО, собра помалку од половина од таа бројка.
Денес, со куп стриминг сервиси и нови генерации претплатници, лесно е да се заборави кој бил прв и со што - со серија која ни покажа како изгледа Ван Занд среде снег, а со се уште свежа мафијашка фризура и со другар му Брус Спрингстин во камео во финалната епизода (едвај гледлива јутјуб снимка од истото тука)