„Попило се ночас мама/Још једна зора изнад града/Телефон мени стално ѕвони/Ал’ није она, зову Џек и Џони“
Можеби прв пат слушате за песнава, можеби веќе ја знаете. Но сигурно никогаш претходно не сте помислиле дека таа би можела да биде интерпретирана со мелодраматичен актерски глас, додека во позадина оди Дебиси и се пие чај од порцеланска шоља.
Токму тоа го прави Нина Скочак од Загреб на нејзиниот Инстаграм профил @turbofolk_poezija. Студентка по политикологија и новинарство, таа во текот на карантините од 2020 имала доволно време за да ја исполни својата голема желба - да се занимава со глума, откако претходно не била примена на Академија.
Всушност сè почнало кога таа на свои другарки им пратила видео од себе како ја рецитира песната „Каква гуза“ на МС Стојан. Откако тие ја објавиле, следела бура позитивни реакции кои ја охрабриле еднаш месечно да објавува свои рецитаторски изведби на турбофолк хитови. Вели дека генерално сака поезија, особено онаа на Крлежа, но дека и самата слуша турбофолк па ѝ било лесно да ги одбере песните.
Многумина од неа барале исполнување на музички односно рецитаторски желби. Нејзиниот фокус е сепак на интерпретацијата, а што се однесува до стајлингот основното прашање што си го поставува при подготовките е која комбинација би била најголема можна спротивност на текстот. Резултатот е - турбо.
За споредба, пуштете го после ова оригиналот.