Хана Шпигелман е авторка на блогот A Sweet History (Слатка историја), и на инстаграм профил под истото име. Нема своја продавница туку одвреме навреме поставува штанд на различни места на кој ги продава своите уникатни вкусови сладолед - нејзини асоцијации на историјата и историјата на уметност.
На пример, нејзинaта ода на импресионизмот изгледа вака: светло кафен сладолед попрскан со парчиња ф’стак и парченца „макаронс“ со малина кои ги симболизираат карактеристичните потези со сликарската четка кои го карактеризираат овој правец. Сладоледот посветен на Персефона, е сладолед кој содржи јаглен, со сивкаста боја, калинки и чоколадни трошки, како асоцијација на одлуката на оваа грчка митолошка хероина да изеде семки од калинка во подземјето и со тоа да си ја запечати судбината - да мора да живее шест месеци во годината кај Хад, а ние на земјата за тоа време да ја живееме зимата.
Таа создава вкусови базирани на сè, од Светскиот саем во 1904 на кој според неа биле претставени нови видови храна, како на пример корнетите за сладолед, до футуризам, италијанското авангардно уметничко движење кое ги славеше добата на машините и модерноста. Најомилен дел вели дека и е истражувањето - понекогаш врските се очигледни, но понекогаш е потребна имагинација. Како на пример за сладоледот направен во чест на Едгар Алан По, кој содржи коњак и ружино слатко според мистериозниот посетител на гробот на По, кој цели 75 години таму оставал шише коњак и три црвени рози.
Сладоледот е малку ризичен производ за нашиот фестивал „Јадење книги“, но веќе добиваме некои идеи. Сладолед од ванила со арома на мајчина душичка, кандирани цреши и парчиња мека дуња за „Дениција“? Така ни дојде.