„Таа ти е брат најбоља“

Книжевен лексикон за идиоти

Urban Dictionary е сајт каде од 1999 се складирани над 7 милиони дефиниции на изрази од разговорниот јазик, генерирани од самите корисници. Често со сатирична, мрсна па и неточна содржина, тие знаат да бидат крајно симпатични. 

Еве како на него се опишани најголемите светски автори. Човек да се раководи само според овие дефиниции можеби и повеќе ќе прочита од нив.

Вирџинија Вулф

Ја знаеш Вирџинија Вулф? Не? Таа ти е брат најбоља писателка. Ѝ ја осеќам патњата, пе’ер. И ја сакам да се удавам.

Марк Твен

Човекот кој е автор на повеќе од 50% од сите цитати кои се користат денес. „И нека биде светлина" - ова Господ го цитира Марк Твен.

Едгар Алан По

Мајка му умрела, неговата маќеа умрела, жена му умрела, тетка му умрела, втората жена му умрела и на крај и тој умрел. Многу лошо.

Шекспир

Омразен од студентите по англиски низ целиот свет. Тој као треба да биде најголемиот драматург на сите времиња, иако имал огромна потреба од спел чек.

Курт Вонегат

1. Господ. Бољи од Господ.
2. Навистина добар писател, ама не е Бог. Тоа е некако премногу.

Др. Зус (Dr. Seuss)

1. Писател, не вистински доктор.
2. Улично име на Теодор Зус Гизел, познат дилер во Лос Анѓелес и околината во текот на 1960-тите. Познат по неговите римувани изјави додека продавал хероин, најчесто склопени на лице место, како "I Betstacy you'll love my ecstasy!"

Луис Керол

Нема шанси овој да ја напишал „Алиса во земјата на чудата" без да бил стониран. Не знам што имале во 19. век за вакви работи, ама Керол бил на тоа нешто.

Вилијам Бaроуз

Име на оној стар човек во мантил кој на журка изгледа како да бил собран од улица и кој стои во позадина без да зуцне.

„Дали некој го знае човекон во мантил што цело време пуши? Изгледа како да ќе извади пиштол во секој момент."
„Не го знам, тој е само Вилијам Бароуз-от на журкава. Може да му изгребеме малку Бензедрин подоцна."

30 април 2014 - 10:26