Прелиминарниот извештај за вакцината на компанијата Модерна наведува неколку поединци и организации кои помогнале во финансирањето на нејзиниот развој, како Националните институти за здравје и некои „големи медицински училишта“. Но во фуснотата во која се наредени има и едно неочекувано име - Доли Партон. Taa сега во својата преуспешна биографија на кантри-пејачка може да додаде уште една ласкава титула покрај „наградуван уметник“ и „национално богатство“ - „добра самовила на Ковид вакцината“.
Донацијата има врска со еден инцидент од 2013, кога таа доживеала сообраќајна несреќа во Нешвил. Нејзините повреди не биле големи, а за неа се грижел доктор Наџи Абумрад од Медицинскиот центар на Универзитетот во Вандербилт, со кого станале блиски пријатели. Откако тој во април ѝ кажал дека тим од неговата болница постигнува „возбудлив напредок“ во потрагата по лек за вирусот, таа одлучила да донира 1 милион долари.
Целата приказна за необичното пријателство е подетално раскажана во емисија на синот на докторот, Џад Абумрад, кого оние кои се по аудио подкастите многу добро го знаат, како водител на РадиоЛаб. Тој ја искористил приликата да се запознае со неа, обидувајќи се да сфати што е она што го има оваа жена, а фасцинира една цела нација. Резултатот е емисија правена цели две години, под наслов „Америката на Доли Партон“, која се емитуваше во октомври 2019, а која не се фокусира (толку) на ликот и делото на Партон туку на оние кои ја сакаат нејзината музика, а кои доаѓаат од навистина различни социјални средини.
„Таа е веројатно едно од најумните и највеликодушните човечки суштества кои сум ги сретнал“, изјавил доктор Абумрад. „Јас сум многу горда девојка поради тоа што имам некаква врска со нешто што ќе ни помогне на сите во оваа луда пандемија“, изјавила самата Партон. Нејзините фанови пак реагираа вака:
Give Dolly Parton the Nobel Peace Prize
— Morgan Jerkins (@MorganJerkins) November 17, 2020
Апдејт: Професорка по лингвистика ја преименува антологиската „Џолин“ на Партон во „Ваксин“ и ги прилагодува стиховите. Почнуваат преработки:)