Пред отприлика една година, како што пишувавме тука, Улај, тврдејќи дека неговата долгогодишна соработничка и некогашна девојка Абрамовиќ не му ги исплаќа договорените 20% од продажбата на заедничките дела, започна судски спор. Тој заврши минатата недела, со правна победа на Улај, кому Абрамовиќ ќе треба да му доисплати уште 250,000 евра од продажбата на заеднички дела, меѓу кои и едно искористено за реклама за Адидас.
Договорот помеѓу нив бил потпишан во 1999, но во последниве 16 години Абрамовиќ не поднесувала транспарентни извештаи за продажбата, и му исплатила мала сума на четири пати, во вкупен износ од 31,000 евра, иако Улај имал право на 20% од сета продажба, што изнесувало многу повеќе со оглед на шестцифрените суми кои ги постигнуваат нивните дела. Сега Марина не само што ќе треба да ја надомести разликата, туку и да плати 23,000 евра адвокатски трошоци, а од сега па натаму ќе мора заедничките дела да ги означува како „Улај/Абрамовиќ“ за периодот од 1976-1980 и „Абрамовиќ-Улај“ за оние од 1981-1988.
И покрај победата, Улај го опишал целиот процес како „непријатен и стресен“ и како таков го поврзал со неговата претходна борба со ракот.
„Ми олесна, како да ми се смени кожата, и физички и ментално“, изјавил тој. „Ракот агресивно ми се закануваше по живот, но правната битка со Абрамовиќ беше закана за мојата егзистенција. Судот донесе фер одлука“.
Ако следниот пат кога Марина ќе го изведува „Уметникот е присутен“ Улај одлучи повторно да седне на столчето, не е лошо да си понесе телохранител.