извор: Политика, јуни 1928
Иако се навршија веќе десет години од крајот на светската војна, и ако денес ни се чини дека веќе сме ги заборавиле сите големи трагедии и радости на овој голем светски потрес, сепак по некој жив спомен на тие денови нè потсетува на онаа чудна игра на судбината која големата светска војна ја оставила во животот на поединци.
Доаѓањето на група млади битолчанки во Белград оживеа пред нас случај на едно од овие девојчиња, чиј живот, иако краток е многу интересен, трагичен и длабоко тажен.
Денес таа има 12 години: точно толку колку што мина од претпоследната офанзива на нашите и сојузничките трупи на солунскиот фронт. Она што таа денес го знае за своето раѓање и за првите денови на својот живот, тоа е она што ѝ го раскажувале други.
Сеемјството Саздовиќ (Саздови) живееле во сиромашно блиско село крај Битола, кое во текот на целата војна било под постојан оган и во вечна опасност. Никогаш не се знаело дали Бугарите и Германците ќе останат и утре во селото, или нашите и сојузничките трупи ќе дојдат и ќе го избркаат непријателот неколку села наназад. А во една прилика, кога офанзивата била подолга и посилна, и кога сојузничките и нашите трупи пристигнале дури до Битола, еден млад Сенегалец од француските колонијални трупи преноќил во ова село, токму во куќата на семејството Саздовиќ и на најмладата ќерка ѝ ја подарил својата љубов на еден ден.
И заминал! Не затоа што тој не би останал тука, зуку затоа што требало да се врати назад, затоа што непријателот туркал напред.
А најмладата ќерка на Саздовиќ понела жив спомен на младиот Сенегалец, кој гил поцрн и пострастен од сите луѓе кои ги знаела и ги имала видено. А својата тајна ја носела во своите гради сè додека еден ден не дошло на свет едно мало девојче, поцрно од сите други деца кои пред и потоа се раѓале во ова село.
Мајката умрела на породувањето и својот грев го платила со живот. А таткото никој не го познавал. И за иронијата да биде уште поголема, на црното мало девојче ѝ дале име „Веселинка“.
И така дошла на свет Веселинка Саздовиќ, без да ја види мајка си и не знаејќи кој ѝ е татко. Детето останало во куќата, иако никој немал многу љубов за него. Целото село имало зазор од црното мало туѓинче, кое никому не му требало.
Наскоро потоа наишла втора офанзива на нашите и сојузничките трупи. Тоа било точно една година по онаа претходната, а младиот Сенегалец повторно дошол во истото село, ја побарал својата некогашна љубов и го нашол малото црно девојче. Се сожалил, можеби заплакал, го бакнал своето дете и го понел со себе.
Во селото на сите им олеснало.
Младиот Сенегалец го однел детето во Солун и го дал на чување кај француски калуѓерки во еден католички манастир. Тука во Солун детето пораснало, останало цели три години. За тоа време,таткото никогаш повеќе не се јавил. Можеби среќно се вратил во својата далечна земја, а можеби и тој, како и многумина негови другари, го положил својот живот бранејќи ја нашата земја. Тоа никој не знае да го каже.
Детето останало во Солун кај француските калуѓерки. А кога тие заминале од Солун, го понеле и детето и го донеле во Битола, во Домот за воени сирачиња.
И таа е едно воено сираче, и неа ја донела војната! И така, малата Сенегалка Веселинка, на која мајката ништо не ѝ оставила од својата бела раса, стана наша сограѓанка, наше воено сираче.
Но мајката во наследство ѝ ја оставила својата вера и името. Во нејзината крштеница стои: Веселинка Саздовиќ. Таткото ѝ ја оставил црната кожа на својата раса, своите црни очи и катран коса.
Денес Веселинка е навистина едно весело девојче. Уште е премногу млада за да размислува и да го сфати своето доаѓање на свет. Од нејзиното лице никогаш не се симнува веселата насмевка осветлена од силните и бели заби на расата на нејзиниот татко. Кога пристигнала во Битола зборувала само француски, сега францускиот речиси сосема го има заборавено, знае уште по некој збор, инаку зборува како вистинска Македонка. Помеѓу другарките во домот и во школото е многу омилена, сите ја сакаат поради нејзината веселост и ја нарекуваат „Цина“ и „Гара“ поради црната боја.
„Добро ми е во Домот, сите ме чуваат“, ни раскажува тука во Белград малата Веселинка. А кога ја молиме мирно да застане пред објективот на нашиот фото-апарат, таа весело ни се смее и наивно прашува“: „Зарем јас сум најубава? Зарем само мене да ме сликате?“
(презимето насекаде низ текстот е Саздовиќ, само под фотографијата, веројатно како резултат на коректорска грешка, Сајдовиќ)
извор: Битола низ стари фотографии