Нјудфест е најголемиот „натуристички“ фестивал во Велика Британија, кој оваа година се одржа од 3-9 јули во Сомерсет. Принципот е едноставен - си изнајмуваш шатор или приколка, се соблекуваш до гола кожа и учествуваш во дневните активности (на пример спортско фрлање секирчиња) и во ноќната забава (на пример промоција на книги).
Во текст за Гардијан авторката Нел Фризел го опишува искуството да се биде промовиран на еден ваков настан.
„Па, Нел, кажи ни нешто за тоа како си станала писателка...“ - погледнувам надолу и сфаќам дека, и покрај тоа што нозете ми се прекрстени, значајно количество пубични влакна се видливи за публиката пред мене. Си ја чувствувам брадавицата како ми се допира до лактот додека ја поставувам раката на столицата до мене. Витките на мојот стомак се напластени и целосно видливи за сите во шаторот, вклучително и за човекот со микрофонот. Ова е кошмар. Го живеам најголемиот страв на секој писател, да промовира своја книга опкружен со туѓинци, целосно гол.
Нел, чија најнова книга е мемоар под наслов „Држејќи го бебето“, се нашла во ваква ситуација откако видела фотографија на пријателка и писателка од минатогодишниот фестивал, како држи книга пред редица голи газови, кои не потсетувале на онакви што се појавуваат во реклама за парфеми или каква и да е реклама. Тие повеќе ја потсетувале на оние кои ги гледала на женскиот базен на кој работела како чистачка, а на кои имало и полуголи и голи посетителки. И самата имала искуство со тоа да биде гола пред луѓе - кога имала дваесетина години работела како акт-модел. Но тоа изгледало прилично различно од тоа да се седи гол на сцена додека ја дискутираш својата книга и одговараш на прашање на некој што не носи ништо повеќе од рачен часовник. Ова ја заинтригирало и одлучила да се пријави за учество на овогодишното издание.
Иако почнало како кошмар, по десетина минути од промоцијата таа заборавила дека нема облека на себе. Прочитала дел од крајот на својата книга и била поздравена со благонаклона смеа и охрабрувачки аплауз. „Ако сакате топол пречек, гледајте публиката да биде соблечена“, советува таа сега.