Во последниве години, медиумски содржини како ТВ серијата „13 причини зошто“ и филмот „Џокер“ поттикнаа дискусии околу начинот на кој медиумите ги прикажуваат ментално болните и како тоа влијае врз јавната перцепција. Светската здравствена организација има направено прирачник кој би требало да им помогне на филмаџиите во реалистичнo портретирање (и превенција) на самоубиствата и на психијатриски болни (за слободно симнување тука), за да се минимизираат негативните влијанија врз гледачите. Но дали препораките секогаш се следат, и каква е поврзаноста помеѓу филмските ликови и нашите претстави за реални луѓе со душевни проблеми?
Во нова научна статија која е во фаза пред финално објавување, истражувачи од Стенфорд и Јеил, согласно клучните зборови користени во кратките содржини на американски филмови од 1977-2019 на Википедија, дошле до бројка од 2,043 филмови соодветни за третирање на оваа тема.
Според истражувањето, растечкиот број филмови од 1977 наваму покажува „супстанцијален и зголемен интерес“ за менталното здравје и од аспект на продукција, и од аспект на побарувачка за вакви филмови. Клучен збор кој најчесто се повторува во описите е „самоубиство“ (во дури 1,114 случаи), што само го засилува уверувањето за важноста на широко достапни насоки за релевантно и сензитивно опишување на менталните болести на филм, базирани на докази. Вториот термин на листата е „алкохоличар“ со 282 и „депресивен“ со 242.
Што се однесува до третирањето од страна на критиката и на гледачите, во просек рејтинзите на ваквите филмови на базата ИМДБ се повисоки од просечните филмови. Исто така, тие континуирано добиваат номинации за Оскар, а често пати и Оскари и други филмски награди. Ова според истражувачите покажува голем интерес за менталните болести, но истовремено, дека постои опасност од фетишизирање на менталните здравствени проблеми или на неточни описи на истите.
Според авторите, сите овие информации укажуваат на тоа колку е значајна улогата на популарната култура за дискусијата за психијатриските проблеми, и колку е важно самите психијатри да играат улога во моделирањето на идни описи на ваквите состојби на филм.