Текстот на Гардијан на оваа тема е инспириран од „Куќа“, новиот филм со Вил Ферел и Ејми Полер, кој излезе на 30 јуни. Тој во моментов има 16% рејтинг на Ротен Томејтос и се смета за комерцијално најлошиот потег на Ферел во последниве 18 години. Еве неколку рани знаци кои укажувале дека филмот не чини, а кои можат да бидат знаци на предупредување во иднина (се разбира кога станува збор за ваков или сличен жанр филмови, за оние „уметничките“ важат - или не - други закони).
Критики „под мраз“
Ова е најсигурниот знак дека самото студио што го продуцира филмот е свесно дека се работи за промашување. Кога тоа промовира филм за којшто знае дека е добар, тогаш го рекламира на сите ѕвона, во некои случаи дури и три години претходно. Но во спротивен случај си ќути до денот на премиерата. Ова се толкува како цинизам и „иле“ од страна на студијата, кои се задоволни со тоа барем неколкумина да купат карта пред да се прошири муабет дека филмот не чини.
Времетраење под 90 минути
Ако се работи за модерен мејстрим филм под саат и пол, според Гардијан, најверојатно тој е катастрофа. Под-90 филм најчесто е оној кој е цеден до даска во монтажа, како очаен обид за спас на целиот проект. Она што го гледаме се остатоци од една поголема визија, која пропаднала во текот на продукцијата. Или пак никогаш и не постоела.
Продукциски трачеви
Секогаш има гласини од зад камерата кога се очекува филмот да е бљак. Одложување на премиерата? Полошо - одложување на премиерата една недела по Оскарите? Дали некои од клучните актери заминале среде снимање? Во случајот со „Куќа“ еден од главните адути било учеството на Мараја Кери во споредна улога - таа требала да се појави, да испее песна и да биде убиена. Но на снимањето се појавила четири часа подоцна, не сакала да ја пее дотичната песна и на крај не сакала ни да умре. Се убедувале до 11 ноќе, за подоцна Мараја воопшто и да не се појави во конечната верзија.
Постерот за филмот
Ако на постерот нема ама баш ни збор од критиката тоа е веќе сериозен знак на предупредување. Или навистина никој ништо не напишал за него заради претходно спомнатото чување на филмот „во бункер“ до премиерата, или напишал лошо. Во секој случај постерот, и преку дизајнот и низ отсуството на коментари, кажува многу.
Интервјуа за сè освен за филмот
Обично се познава кога актерите се задоволни и од производот и од својата улога, бидејќи и двете ги величаат до бесвест во интервјуа. Ако не е така тогаш одбираат да го одбегнат муабетот, зборувајќи за сè и сешто освен за филмот. Ферел, на пример, во промотивните материјали за „Куќа“ или зборува за Мараја Кери или со фарбано лице пее песна од Карпентерс цели пет минути. Што е најверојатно многу позабавно од филмот.
Дека сепак сите овие назнаки не мора ништо да значат и дека дури и филмови што се прогласени за најлоши на сите времиња можат да донесат некаква духовна награда претходно тука