Како да одиш обратно од стрелките на часовникот? 

„Каунтерклоквајз“ е експеримент на психологот Елен Ленгер, првата жена која добила статус на редовен професор по психологија на Харвард. Преку него таа покажала дека нашите уверувања и ставови можат значително да влијаат врз физичкото и менталното здравје, особено врз чувството за тоа колку сме всушност стари.

Елен Ленгер е пионер во истражувањето на стареењето и една од најзначајните фигури во психологијата на свесноста (mindfulness), тврдејќи дека начинот на кој размислуваме има огромно влијание врз нашиот живот. Нејзиниот најпознат експеримент од 1979 година бил насочен кон група мажи на возраст од 70-тина години. Таа ги однела на еднонеделен престој во средина што целосно го имитирала животот од 1959 година и им дала инструкции да се однесуваат и меѓусебно да муабетот како навистина да живеат во тоа време. Целта била да се провери дали, ако луѓето психолошки се „вратат назад“, тоа може да има и физички ефект врз нивното тело.

Учесниците не само што се потсетувале на минатото, туку целосно го „живееле“ – слушале стара музика, гледале црно-бела телевизија, разговарале за тогашни настани и се однесувале како да се помлади за две децении. Дури и просторот бил уреден така што ништо не ги потсетувало на нивната вистинска возраст.

Резултатите биле изненадувачки: по само една недела, кај учесниците биле забележани подобрувања во подвижноста, меморијата, слухот, држењето на телото и општата здравствена состојба. Некои дури изгледале и помлади. Овој експеримент покажал дека границите што ги поврзуваме со стареењето не се само биолошки, туку и психолошки.

Ленгер тврди дека многу од ограничувањата што ги доживуваме со возраста произлегуваат од нашите верувања. Ако ги промениме тие ставови, може да влијаеме и врз сопственото здравје.  Современата наука дополнително ја потврдува оваа врска. Концептот на невропластичност покажува дека мозокот може да се менува и прилагодува во текот на целиот живот, а не само во младоста. Тоа значи дека учењето и промената се можни и во подоцнежните години. Истражувањата во областа на епигенетиката, пак, укажуваат дека нашата околина и однесување можат да влијаат врз тоа како се активираат гените.

Стареењето е природен процес, но не мора да биде ограничувачки како што често мислиме. Можеби па затоа ни се допаѓаат филмови и музики од младоста - затоа што слушајќи ги барем за момент се подмладуваме.

9 април 2026 - 14:57