Пиењето во кафана во Њујорк викаат велат знаело да биде мачно. Ја нема интимноста на дебармаалска кафана, а во попопуларните места тешко се наоѓа дури и „коњопој“. Но неодамна таму се појави нов бар, за посетители кои сакаат нивните пијачки да ги уживаат во екстремна изолација. Широк колку човек да застане со раширени раце, тој е сместен во Бушвик, Бруклин, внатре шпајз на сега затворен италијански ресторан. Капацитетот на гости е прилично ограничен, на тројца: келнерот, вие и вашиот партнер.
Зад идејата повторно стои њујоршкиот уметник Н. Д. Остин, кој својата кафана ја нарекол The Threesome Tollbooth (Кабина за тројка). Ентериерот и листата на пијачки (коктели) се менуваат во зависност од гостите и нивното чувство за авантура.
Пред „објектот“ нема видлив знак, а пред да излезе текст за барот во Њујорк Тајмс постоела само прилично мистериозна веб страница за резервации, иако за разлика од претходната кафана сместена во цистерна со вода, „Ноќната чапја“, оваа е легална.
Дел од алкохолите кои се сервираат во „Трисам“ не се баш стандардни - домашно направен „мескал“ (мексикански алкохол направен од кактусот агаве, со слично име како психотропната супстанца мескалин), бразилски рум или манастирски ликер од билки правен во француски манастир. Вечерта не е евтина и чини 100-120 долари по човек за само еден час престој. Па сепак, на сајтот стои информација дека нема слободни термини до следниот месец.