Скрин Џанкис, луѓето кои стојат зад Искрените трејлери, веројатно толку долго се во таа работа што веќе им здосадило да пародизираат филмови, па решиле тоа да го направат со сопствената франшиза.
Бидејќи никој не може да биде доволно објективен за да го направи тоа без да го разубавува производот, тие работата му ја доделиле на - робот. Или како што велат, на „некаква магична компјутерска програма која ги анализирала сите сценарија на Искрени трејлери до еден, и генерирала ремек-дело кое ги исмева сите наши тропи, стилови и теми“.
Резултатот, со наратор и сите тертипи, е малку хаотична но пресмешна формула, после која уште долго време нема да ви се гледа ама баш никаков трејлер. Особено се впечатливи хибридните сцени на Јода наспроти палавкото Денис, или Лана дел Реј со Гиљермо дел Торо.
Вештачката интелигенција Ботник, која стои зад ова мета-видео е истата онаа која лани го напиша новото поглавје на Хари Потер, „Хари Потер и портретот кој изгледаше како куп пепел“.