„Тоа Грчиштата“ кај нас најчесто се портретирани како националистички изроди, кои ја имаат таа незгодна особина да ни стојат на патот до демократски одбраната крајбрежна дестинација, или отприлика ова време во годината барабар да копаат со нас по корпите со партали на попуст во солунска Зара. И не само што се такви, туку и полоши, велат други, исто Грци.
Greeks of late capitalism e сатиричен фб сајт, нешто слично на наша „Македонштина“, на кој се објавуваат смешни но и социолошки поразителни докази за современата состојба на премудриот грчки дух врз кој почива сета западна цивилизација, а кој изгледа некако генетски се разводнил низ бројните историски вмрежувања.
Ништо не е свето за луѓето што стојат зад овој профил (не е лошо да им текне и да ги преведуваат постовите) и за неколкуте илјади кои го следат. Мета на критика, на пример се:
Очајните обиди за хибридизирање на традиционалните грчки вредности со оние на глобализацијата и масовната потрошувачка;
Блескавите излози зад кои се крие реалната слика на сиромаштија;
(„Со сметка над 40 евра подарок 4 ќеси макарони“)
Доминацијата (во секој поглед) на црковните власти над населението;
Јавното изразување верски чувства;
(„Јас сум православен христијанин“)
Вредноста на официјалната грчка историја
(книга „Историја на грчкиот народ“ со подарок поп-ЦД под - можеби - симболичен наслов „Единствената вистина“)
На истиот профил, за утре (21.01), во исто време и на исто место со протестите на десницата против нашето име, се организира настан од образовен карактер - Фотошоп семинар за хелено-православни патриоти. Еве што се вели во објаснувањето:
„По повод македонското прашање, повторно сме сведоци на појава на постери и публикации во традиционалната грчка православна естетика, таа прекрасна естетика, речиси како нашите вујковци да го откриле Paint. Со оглед на тоа што не можеме да ги одбегнеме или да го спречиме нивното објавување, ве повикуваме на Фотошоп семинар, со цел ако ништо друго барем да си ги спасиме очите.
На семинарот заеднички ќе научиме:
- основи на естетиката
- основи на симетријата
- познавање на боите
- интерпункција и како се користи истата
- соодветна употреба на грклиш (грко-англиски)
- има ли смисла ова што го пишувам?
- 10+1 причина зошто Фотошоп е подобар од МС Паинт
- како се иклучува капс-лок?
- како да разликуваме извичник (!) од единица (1)?
- дали постојат други фонтови освен комик-санс?
Илустрација на тоа како НЕ треба:
Лекциите се бесплатни, потребно е само да покажете две потврди, црковна дека сте православни, и државна дека сте Грци по род.“
Штета, да не беше последново, ќе искористевме муфте викенд во Солун.