#theboredbaker

Хаику пораки во бисквити

Во пакетчиња со бисквити Сенсбери со симболично име „Вкуси ја разликата" мистериозен поет со прекар „Пекарот кој се досадува" остава хаику песни, кои зборуваат за неговото незадоволство од работата. Добро, оставаше, додека не го отпуштија.

„9 евра на саат/Е цена на мојот труд/Лојалноста чини повеќе", вели тој во една од нив. Во друга пак е ироничен во врска со брендот на бисквитите: „Вкуси ја разликата/Јас не ја чувствувам/Можеби моја грешка". А со третата сигурно го извадил од памет оној кај кого се паднала песната: „Кивам цел ден/Добро што ХИВ/не може да се пренесе вака".

Секоја од песните е потпишана со прекарот и со твитер аканутот @theboredbaker, на која „среќните добитници" ги постираат песните кои ги нашле во бисквитите.

Во аудио интервју за Индипендент, анонимниот пекар, кое е целото во форма на хаику, вели дека целата работа сепак немала намера да биде форма на протест, бидејќи пишувањето вакви песни според него и не е баш најдобриот медиум за социјални промени. Ама е доволно за да ја загубиш работата. На пекарот кој се досадува сега или ќе му стане уште подосадно, или ќе му се отвори некоја нова врата. Можеби пораки во шише...пиво?

Бонус: потсетување на еден уште побизарен пример на хаику пораки на поет-убиец

28 мај 2014 - 08:24