Спротивно на стереотипот според кој Јапонците се резервирани, срамежливи и одбегнуваат телесен контакт, учесниците на прославата Хадака мацури, која повеќе од 500 години се одржува на крајот на февруари, се дерат и речиси голи се стискаат еден до друг, при што повеќето од нив се и поднапиени. Сето тоа во склоп на обред за кој се верува дека го поттикнува доаѓањето на пролетта, бериќетот и општата благосостојба.
Ваквите прослави делумно се разликуваат од регион до регион, но она што е карактеристично за сите е што во нив не учествуваат жени, и што мажите се облечени само во парче платно (фундоши) и пар бели чорапи (таби).
Церемонијата почнува со одделен настан за помладите момчиња кои се натпреваруваат во фаќање оризови колачиња. Вечерта возрасните најпрвин трчаат околу храмот и се плискаат со студена вода од дрвени кофи или од блиската фонтана, а потоа влегуваат во зградата. Свештеникот од високо фрла осветени или среќни предмети (дрвени гранчиња), а толпата се обидува да ги фати. Оној што ќе успее, го става стапчето во кутија полна ориз и го чува цела година на видливо место во домот.
„Еднаш годишно, кога е најстудено, се облекуваме само по парче ткаенина и учествуваме во оваа прослава, за да се почувствуваме како мажи“, вели еден од учесниците во долното видео. Се вели дека по овој настан, во Јапонија доаѓа пролетта. А со неа сè станува подобро.