Стрипот, кој симболично е целиот исцртан само во сина и розова боја, почнува со сцена во која главниот лик, Ема Барнс, е на интервју за работа како „хотлајн оператор“. Оној кој разговара со неа, средовечен маж, ѝ објаснува дека не е заинтересиран за нејзините биографски податоци, туку единствено за тоа дали таа може да звучи „доволно секси за да сврши некого по телефон“.
Ема ја добива работата, и од тука натаму тече приказна, во чиј центар е нејзиниот обид преку ваквиот тип работа да се отстрами од сопствената сексуалност и да ја добие толку потребната самодоверба која ѝ недостасувала целиот живот.
Во „обичниот“ живот таа е исто така обична, фино пополнета млада жена, во доцните дваесети, интелигентна но срамежлива. Таа и нејзиниот маж се селат во стан во големиот град, каде сопругот кој само што завршил факултет, почнува со нова работа. Додека Ема со денови седи сама во полупразниот стан, низ главата ѝ минуваат сите промашувања во животот, меѓу кои и нејзината сексуална историја полна со срам, жалење и ограничувања. Тогаш таа одлучува тајно да се пријави за спомнатото работно место, кое би ѝ носело не само дополнителен приход, туку и возбуда.
Она што е интересно е што целата женска приказна е раскажана од аспект на машки автор, на стрип-цртачот Лук Хауард. Иако Ема не е стереотипно „секси“, таа е претставена како сексуално суштество, далеку посексуална од нејзиниот маж. Ретко се случува во популарната култура да има вакви ликови на жени кои од надвор се типични „домаќински“ типови, а влегуваат во авантура не на површна сексуална возбуда, туку на реално себепронаоѓање во оваа област. Низ вербалното, телефонско играње разни улоги, Ема од скромна и срамежлива станува некоја која многу добро знае како функционираат туѓите сексуални желби, обидувајќи се да ги дефинира и сопствените.
И покрај ироничниот наслов, „Зборувај ми валкано“ не е некаков хумористичен или пародичен поглед кон овој дел од сексуалната индустрија, туку психолошки стрип за сексуалноста како важен елемент во структурата на личноста.
Повеќе за авторот и неговите претходни дела тука