Приказната за Џон Даниел, одамна на маргините на историјата, повторно се актуелизираше кога архиварка од селото Jули (Uley) во југоисточна Англија, објави фотографии од Џон во книга посветена на местото. Ова поттикна интерес за тоа како воопшто горилата се нашол таму.
Џон бил откупен од лондонска стоковна куќа по име Дери и Томс од страна на богат британски офицер по име Руперт Пени во 1917. Очигледно продавниците биле многу поразлични во тоа време, штом во нив можеле да се најдат диви животни. Горилата чинел 300 британски фунти, еквивалентно на денешни 25.000 (околу 30.000 евра). Неговите родители биле убиени од француски војници во она што е денес Габон, па бебето горила било фатено и однесено во Англија. Мајорот Пени му го дал името Џон Даниел.
Како голем број луѓе кои купуваат животни во напад на ентузијазам а потоа се чудат што со нив, и мајорот сфатил дека не може да се грижи со него. Во 1918 ѝ го испратил на сестра си, Алис Канингам, која живеела во селото Јули во Глостер. Секако ниту таа, ниту соселаните, не знаеле како треба да се грижат за горила. Така, почнале да го одгледуваат како тој да е дете.
Алис му дала прекар - „Султанот“. Му направила детска соба, го научила да си пушта сијалица и да ја гаси, а одел и во тоалет. Единствено различно од други деца е што му било дозволено да пие „сајдер“ (пиво од јаболко). Aлис често го шетала, а го носела и во Лондон каде што имала куќа на улицата Слоун. Таму тој присуствувал на нејзините забави и пиел многу чај.
Горилата живеел три среќни години во селото, од 1918-1921. Но она што најпрвин било мало и слатко животно почнало да расте и наскоро имало сто кила. На Алис и било жал, но сфатила дека некој друг ќе мора да се грижи за него. Во тоа време не постоеле безбедни места каде што таа можела да го засолни, ниту пак можела да го врати во дивината на Африка, каде што и онака не би се снашол. Нашла американски купец кој сакал животни, а тој ветил дека ќе го носи во Флорида на својот имот. Но, наместо да го исполни ветувањето, го продал Џон на циркус. Од таму, кога остарел, бил предаден на зоолошката во Медисон Сквер Гарден во Њујорк. Но здравјето бргу му се влошило, па чуварите ја контактирале Алис, сметајќи дека средбата со неа можеби би помогнала. Иако таа веднаш се качила на брод кога слушнала за ова, Џон Даниел умрел од пневмонија пред таа да пристигне во Америка.
Телото на горилата било донирано на Американскиот природонаучен музеј, каде стои изложено и денес. А во селото Јули жителите во 2017 му подигнале споменик, на којшто е прикажан како си игра со децата. Токму тогаш многумина прв пат слушнале за нивниот некогашен сожител.